Сашко Коцев е еден од омилените актери на публиката. Со години вработен во МНТ, зад себе има куп улоги, филмови, серии, стендап-комедии. Годинава недостигаше на „Бубамара“, со филмот „Налепница“ ги собра сите награди, а на 6 мај во Скопје ќе биде премиерата на „Нешто слатко“, во кој игра со Јелена Јованова.

Сашко беше гостин во студиото на „Репортер“ . Што на смеење, што сериозно, зборуваме за сè. Дознавме зошто не беше на „Бубамара“, а ни откри и дали му се допаднла оваа година менифестацијата без него.
Низ смеа раскажува како се снашол во Словенија додека снимаше филм.
-По 20 часа возење од Скопје, оти беше метеж, конечно, стигнав во Љубљана. Се јавувам во хотелот и екипата ми вика, качи се, тука сме на 15. кат. Се качувам ја залетан, среќен што ги гледам, влегувам внатре и викам: Дечкии … кај сте, еве ме! И, тие, по малку роботски, мртви ладни: Здраво. Како си? Викам, што ви е, брее? Па кај нас не е вака, па треба да ме гушнеш, па да кажеш кај си брат, па да ми ги скршиш ребрата, низ смеа раскажува Коцев.
Особено интересно е како со Словенците се седи во кафеана бидејќи не знаат што е мезе.
-Па кај нас се седнува во кафеана во 14 часот и се станува утредента. Тука, пола саат – нарачуваат, јадат и си одат. Им викам, чекајте беее… полека. Прво се нарачува мезе, па после се руча, раскажува Коцев.
Со Смиљана е 10 години во брак. Низ насмевка вели дека до денес е ненаспан откако се родила Јоана. Не крие дека популарноста му годи и дека живее за аплаузот.
За популарноста и како реагираат луѓето, има куп анегдоти за кој зборуваше во интервјуто. Муабетот со Сашко секогаш е поинтересен да се гледа, па и во интервјуто не изостана хуморот на Коцев.