Оскаровецот, актер и комичар Робин Вилијамс вчера беше пронајден мртов во својот дом во Северна Калифорнија. Вилијамс изврши самоубиство, според извештајот на шерифот во областа Марин, Калифорнија, на возраст од 63 години. Последен пат бил виден жив околу 10 часот, по локално време.
Американските медиуми пишуваат дека причина за смртта е гушење, но полицијата и натаму ги испитува околностите во кои починал глумецот.
Актерот со години наназад се бореше со пороците, а својата борба со алкохолизмот ја сподели со јавноста преку stand up комичните актови кои во живо ги презентираше пред фановите ширум светот.
Портпаролот на Вилијамс објави и дека актерот се борел и со депресија во изминатите неколку месеци. Се пријави во центар за одвикнување од зависности на 31-ви јули каде што минал неколку недели.
- Ова е трагичен и ненадеен губиток. Семејството моли за почитување на приватноста во овие тажни моменти, истакна портпаролот Баксбаум.
Последната објава на неговиот Twitter профил беше фотографијата од него и неговата ќерка Зелда на 31-јули, денот на нејзиниот 25-ти роденден.
Вилијамс покрај кариера од над 30 години и безброј награди меѓу кои и статуетка Оскар, остави зад себе три деца (два сина и една ќерка) и сопруга (Сузан Шнајдер), со која беше во брак од 2011-та година.
Робин беше сакан и почитуван од фановите, колегите за мулти актерскиот талентот кој го поседуваше а кој се протегаше низ повеќе жанрови и медиуми. Од комедии, трилери, драми и анимирани играни филмови, пренесени на големото платно, театарските штици и телевизијата.
Тој го освои единствениот Оскар за споредната улога во драмата на Гас ван Сант, Good Will Hunting, по неговиот четврт обид, а само минатата година по пауза од 31 година се врати на малите екрани со серијата The Crazy Ones.
Детали околу погребот и меморијалната служба за сега не се познати, но ова се дел од филмовите по кои ќе го паметиме Робин Вилијамс.
Popeye
The World According to Garp
Moscow on the Hudson
Good Morning, Vietnam
Dead Poets Society
Awakenings
The Fisher King
Hook
Aladdin
Mrs. Doubtfire
Jumanji
Nine Months
Jack
Birdcage
Good Will Hunting
Patch Adams
Insomnia
Death to Smoochy
One Hour Photo
House of D
Shrink
World's Greatest Dad
The Butler