Британските инди ѕвезди Kaiser Chiefs ќе настапат како главни хедлајнери на овогодинешниот Таксират кој ќе се случи на 3. декември во скопската Метрополис арена. Популарниот англиски бенд, како дел од големата светска инди тројка, заедно со Franz Ferdinand и Arctic Monkeys доаѓа во Скопје за првпат, промовирајќи го нивниот бест оф опус.

Покрај Kaiser Chiefs, истата вечер ќе настапат и нашите рокенрол ѕвезди Т.Б. Трачери, кои покрај задолжителните хитови на Таксират ќе го свират нивниот нов, долгоочекуван албум "Кинки во нервозна џунгла". Настојувањата на Таксират да промовираат македонски состав кој има нов албум за промоција, како и подолго време концертно ненастапување оваа година се реализираа токму во Трачери.
Kaiser Chiefs се алтернативен рок бенд кој е оформен во Лидс, Англија на почетокот на 2003 година. Составот на бендот го сочинуваат Ricky Wilson (вокал), Andrew White (гитара), Simon Rix (бас), Nick "Peanut" Baines (клавијатури) и Nick Hodgson (тапани), тимот кој стои зад четирите објавени албуми досега и 11те синглови меѓу кои и хитовите како I Predict A Riot, Oh My God, Ruby и Never Miss A Beat. Неколку членови на бендот се жестоки фанови на англискиот фудбалски тим Leeds United (од нивниот роден град Лидс), па оттаму е и нивната инспирација групата да ја именуваат според фудбалскиот клуб Kaiser Chiefs од Јужна Африка, koj е поранешниот клуб на долгогодишниот капитен на Leeds United, Лукас Радебе. Пред да настапат под ова име, уште од 1996 година момците настапуваат како гаражен рок бенд под името Parva. Но, откако пропадна нивната издавачка куќа од тој период, Mantra Records, групата се повлекува враќајќи се на своите корени и го присвојува бритпоп звукот, кој ќе го доведе бендот до популарноста во Велика Британија и ширум светот.
Нивниот енергичен стил на пост-милениумски гитарски рок, кој во изминатата декада би бил сместен во инди брендот, брзо наиде на фанови во локалните музички кругови. Квинтетот прво го издаде својот деби сингл Oh My God, по што следеше договорот за албум со B-unique етикетата. Групата почна да го привлекува вниманието на широкиот аудиториум, особено кон крајот на 2004 година со издавањето на нивниот следен сингл, молскавичниот хит I Predict A Riot. Со овој сингл, кој беше прв од нивниот деби албум Employment, Kaiser Chiefs во 2005 беа лансирани на глобалната музичка сцена. Албумот првенствено е инспириран од њу вејв и панк рок музиката од доцните 70ти и 80ти, и достигна меѓународен успех со повеќе од три милионии продадени копии. Employment во 2005 година влезе и во најтесниот избор за Mercury Prize. I Predict A Riot се емитуваше на радио станиците ширум светот а групата таа година го отвори Live8 фестивалот во Филаделфија и беше дел од NME Awards Tour. Вториот албум на Kaiser Chiefs, насловен Yours Truly, Angry Mob (2007), за разлика од деби албумот, доби различни рецензии од критичарите кој го оценија истовремено како „албум полн со џубокс хитови“ и „предвидлив“. Но токму овој албум го донесе најгомелиот хит на Kaiser Chiefs и број еден синглот во Велика Британија - „Ruby“.

Третиот албум, Off with Their Heads групата го издаде во 2008, а по три годишна намерна пауза која имаше за цел, за момент да го извлече бендот од центарот на вниманието, во јуни 2011, момците го издадоа и нивниот последен албум The Future is Medieval. Овој албум е сниман во период од 18 месеци на различни локации, а групата со него повторно успева да ги здружи спонтаноста и возбудата на процесот на музичко творење и во звукот додава различни сегменти од нивните музички влијанија – отсечен и прецизен њу вејв, остроумно отклонување кон David Bowie и Pink Floyd изненадувања – влијание видливо на нивната целокупна музичка, но и визуелна идеја.
Ако се вбројувате во малкутемина кои не знаат која е всушност терористичката банда Трачери еве ексклузивна можност да дознаете: Формирани се во уникатното Куманово во 1994. година, но покрај бројните концертни настапи дури по седум години, во 2001. година, успеваат да го издадат својот прв албум ``Клати и тркалај'' кој во круговите на нашиот андерграунд денес ужива култен статус. Тогашните хитови ''Елтон факинг Џон'' ,“Кинки“, “Мама не ти дава“, “Ја сам убав“ ... се пуштаа на “Канал 103“ но, за жал, другите радиа, а за телевизиите да не зборуваме, воопшто не сакаа да пласираат нешто поинакво од хиперкичот кој до ден денес суверено владее со целиот наш медиумски простор. Веќе во 2003 излегува вториот албум “Купи ме“, а 2005 и третиот “Шлагери од Содома“. Видео записот за песната “Икона“ во режија на Дејан Пројкоски е една од најпопуларните песни на новата македонска музика. Трачери се вистински борци за ретро стиловите кои ги практикуваат во нивната музика. Иако секогаш може да се направи паралела со нешто што денес е многу популарно во рокенролот, Трачери сепак имаат своја оригиналност која ги прави да се посебни. Ги сакате Beach Boys, Phill Spector и The Who - Трачери се три во едно. Нивниот последниот албум “Кинки во нервозна џунгла“ има 16 песни и за првпат се промовира токму на Таксират. И не заборавајте: Трачери никогаш не свиреле на плеј-бек. Трачери секогаш го даваат својот максимум.

Потсетуваме - во тек е претпродажбата на влезниците за овогодинешниот Таксират. Првите 1000 влезници по цена од 600 денари веќе се намалуваат. Истите можете да ги купите онлајн на website.mktickets.mk, како и во продажната мрежа на Таксират низ Македонија: СКОПЈЕ: Југотон, Custom Pub, Цвеќара Розе, Ultra Design Shop, Круг, КафеFluid, КафеBravo,Гоги Тобако 1/2/3/4, Чакра; ШТИП: Tokom- A; ТЕТОВО: Патник Вокер- Гаге Турс; ОХРИД: ZZ Top; СТРУГА: Албум; ВИНИЦА: Кафе GALA; ПРИЛЕП: Кафе Сидро; БИТОЛА: Hard Rock; СТРУМИЦА: Кафе Inside; КУМАНОВО: Агора, Soft Mak; РАДОВИШ: Escape; СВЕТИ НИКОЛЕ: Феникс; ВЕЛЕС: Унисон; ГЕВГЕЛИЈА: Кафе Корзо.