Освојувачот на овогодинешното издание на Лигата на Европа, Тотенхем, го назначи поранешниот менаџер на Брантфорд, Томас Франк, за менаџер на клубот од Северен Лондон со договор до 2028 година, објавија англиските медиуми.

Франк (51) го заменува Австралиецот Анге Постекоглу, кој беше отпуштен на 6 јуни - 16 дена по освојувањето на трофејот од Лигата на Европа откако тимот го победи Манчестер Јунајтед со 1-0 во Билбао.
-Со Томас, назначуваме еден од најпрогресивните и најиновативните тренери во светот. Тој се докажа како некој што може да развива тимови и играчи и со нетрпение очекуваме тој да го води нашиот тим во претстојната сезона, се вели во соопштението на Тотенхем.
Минатата сезона беше најлошата за клубот од Северен Лондон од 1977 година, завршувајќи на 17-то место од 20 тима во Премиер лигата, последно над зоната за испаѓање.
Томас Франк го водеше Брентфорд во последните седум години, освојувајќи промоција во Премиер лигата во 2021 година. Тимот заврши на десеттото место минатата сезона. Тимот постигна 66 гола, петтиот најдобар резултат во лигата.
Тројца членови од стручниот штаб на Франк во Брентфорд ќе го следат во Тотенхем. Тоа се неговиот помошник Џастин Кокрејн, менаџерот за фитнес Крис Хаслам и аналитичарот Џо Њутн. Ним ќе им се придружи и поранешниот помошник на Манчестер Јунајтед, Андреас Јоргенсен.