Поранешниот француски репрезентативец Ласана Дијара ја продолжи судската постапка барајќи 65 милиони евра отштета од ФИФА и Белгиската фудбалска асоцијација, откако Судот на правдата на Европската унија во октомври пресуди дека некои од правилата на Светската фудбалска организација ги кршат законите на ЕУ.

Дијара, кој меѓудругите клубови настапуваше за Челзи, Арсенал и Реал Мадрид, води децениска правна битка со ФИФА откако го раскина договорот со Локомотив Москва. Минатиот октомври, Европскиот суд на правдата пресуди дека некои аспекти од правилата за трансфери на ФИФА не се во согласност со законите на ЕУ за труд и конкуренција.
Неговата адвокатска канцеларија „Дупонт Хисел“ објави дека барањето за надомест е поведено поради неуспехот во преговорите за спогодба со ФИФА и вклучува надомест во текот на целата кариера на играчот.
„Ласана Дијара бара 65 милиони евра бруто (35 милиони нето) од ФИФА и Белгиската фудбалска асоцијација“, се вели во соопштението.
Неговиот случај, кој е повторно во белгискиот суд, е поддржан од глобалниот синдикат на играчи ФИФПРО, како и европските и француските ограноци на синдикатот. Спорот почна во Белгија, кога Шарлоа сакаше да го ангажира Дијара по неговиот раскин на договорот со Локомотив.
Правилата на ФИФА во тоа време ги обврзуваа и играчот и клубот да му платат на претходниот клуб ако договорот е раскинат без „валидна причина“. Арбитражниот суд за спорт се согласи со ФИФА во корист на Локомотив. Европскиот суд на правдата подоцна пресуди дека правилата на ФИФА „ја попречуваат слободата на движење на играчите и натпреварувањето меѓу клубовите“.
Дијара ја пропушти сезоната 2014/15 поради спорот, по што настапуваше за Олимпик Марсеј, а кариерата ја заврши во Пари Сен Жермен пред шест години.
„Го правам ова за себе, но и за помалку познатите играчи кои немаат финансиски и психолошки ресурси да се спротивстават на ФИФА на суд“, рече Дијара.