
Скопје, 7 август (МИА) - Фудбалската федерација на Македонија одлучи да ги повлече сите влезници кои беа пуштени во продажба за натпреварот со Шпанија поради официјалните информации добиени од надлежните органи дека во јавноста се дистрибуирани поголем број фалсификувани билети.
Дополнително ќе бидат изработени влезници со нумерација и соодветна заштита за сите оние кои веќе имаат набавено влезница и ќе може да ја заменат на местото каде што истата е купена.
На официјалната веб страница на ФФМ стои дека секое лице при замената на билетот е должно да носи лична карта за идентификација. Замената на влезниците во Скопје ќе почне во понеделник на 10 август по 12 часот.
Во останатите градови каде што беа дистрибуирани билети за продажба преку општинските фудбалски сојузи замената ќе се изврши во истите во вторник во 10 часот.
Гратис влезниците ќе бидат заменети во просториите на ФФМ. Вип билетите кои досега се дистрибуирани нема да се менуваат бидејќи веќе се нумерирани.
По повод 100 години македонски фудбал и пуштање во употреба на новата северна трибина на Арената „Филип Втори“ македонската фудбалска репрезентација на 12 август ќе одигра против европскиот шампион, селекцијата на Шпанија.