
Соочен со проблемите со повредени фудбалери, но и со неефикасноста на стартот од новата сезона, тренерот на Барселона, Пеп Гвардиола, ќе се обиде да ангажира напаѓач во јануарскиот преоден рок. И тоа не каков било, туку или екстра квалитетен или робусен кој ќе има задача да ја разбива противничката одбрана и да реагира на високи топки во шеснаесетникот.
Во моментов Гвардиола на располагање ги има само Виља, Меси, Педро и Кркиќ, а само последниот од нив досега не беше повреден или суспендиран. Меси пропушти два натпревари поради повреда, Виља еден меч паузираше поради суспензија, а Педро во моментов е повреден и нема да игра на дербито против Валенсија. Сега Гвардиола ќе мора да реагира, но најавува потрага по фудбалер кој брзо и без проблеми би се адаптирал на начинот на игра на Барселона.
Најголема желба на каталонскиот клуб е фудбалерот на Ајакс, Луис Суарез, кој во новата сезона повторно постигнува голови за Ајакс, но тренерот Мартин Јол е незадоволен од него затоа што не се однесува професионално. Холандскиот клуб за него бара 36 милиони евра, што е можеби премногу ако се знае дека тој не би имал право да настапува за Барселона во пролетниот дел од Лигата на шампионите. Се разгледуваат уште имињата на Вилиан од Шахтјор, Жервињо или Карлос Тевез, кој сигурно подобро би се снашол во Барса отколку во Сити поради шпанскиот јазик. Од другата страна се Никола Жигиќ, Марио Гомез, Лука Тони или Ромелу Лукаку, моќни напаѓачи и силни во скокот.
Газета дело спорт во своето вчерашно издание објави дека Барселона е заинтересирана и за играчот од средниот ред на Палермо, Хавиер Пасторе за кого сицилијанскиот клуб бара 40 милиони евра. Желба на Аргентинецот е да игра покрај Лионел Меси, но интерес за него има и од Реал Мадрид.