
Бугарскиот интернационалец во редовите на Манчестер Јунајтед, Димитар Бербатов и покрај сите информации дека ќе остане член на "ѓаволите", најверојатно, ќе биде продаден во текот на ова лето. Најновиот тим кој би сакал да го види во своите редови е Јувентус, а англиските медиуми веќе го преселија во Торино.
Додека Јуве се обидува да дојде до Кун Агуеро и постојано ја зголемува понудата (во моментов е стигната до 40 милиони евра), Бербатов е се поблизу до излезната врата. Во Јувентус немаат проблеми со пари за купување нови играчи, па нема да биде никакво изненадување доколку и двајцата напаѓачи пристигнат во Торино во скоро време.
Со оглед на фактот дека Бербатов повеќе не е во прв план во составот на Манчестер сосема е јасно дека тој бара тим каде би можел да игра. Иако неколкупати повторуваше дека сака да остане и да се бори за место во составот, сепак, се посигурно е дека тој во новата сезона ќе мора да игра во нов тим. Јуве, пак, бара играч кој има одлично чувство за гол, а цената од 14 милиони фунти е примамлива и лесно може да се случи трансферот.
Проблемот за Јуве би бил во ПСЖ и Валенсија, кои исто така сакаат да го видат играчот во своите редови, а тие може да дадат исто така добра понуда па да има наддавање. Сепак, Јувентус има добра работа во тоа што има и друга опција во Серхио Агуеро, кој во моментов се мисли што да прави во иднина и одлучи да почека да заврши Копа Америка, па да решава за својата иднина.