|
Хајровиќ во дресот на Арсенал | |
Педесетина лица во црвени дресови на Швајцарија и знамиња од оваа земја се најдоа на стадионот "Кукуш" во Турново за да навиваат за нивниот Сеад Хајровиќ, кој беше во дресот на силната Швајцарија. Добро градено момче со дресот број "5" и на стоперската позиција. Гостинот во своите редови имаше многу деца со имиња и презимиња од балканските простори. Прашањето беше кое од тие има корени од Македонија. Одговорот стана јасен многу брзо, кога неговата фамилија почна да го бодри од трибините. Прилепското село Десово е местото од кое потекнува овој голем талент. Голем е затоа што веќе е дел од преголем светски клуб како Арсенал. Игра за Швајцарија затоа што со неговите родители таму се со години и години. "Македонски Спорт" стигна до Хајровиќ. Фудбалерот веднаш "распали" на македонски со српско-хрватски додавки.
"Јас сум Босанец, но моето потекло е од тука, од Македонија. Моите се од прилепското село Десово, но јас сум роден и живеам во Швајцарија. Ја сакам оваа држава затоа што тука е мојата фамилија".
Талент кој има 18 години, кој игра за лондонски Арсенал и кој има потекло од Македонија. Тоа е реткост, но некоја друга држава го има во своите редови.
"Мојата судбина е поврзана со Швајцарија. Мојата кариера ја почнав во Грасхоперс, а пред една година заминав во Арсенал. Задоволен сум од тоа како се одвива мојата кариера и се надевам дека од година во година ќе бидам се подобар и подобар".
Бошњакот од Македонија важи за еден од најдобрите млади стопери во Европа. Арсенал за него платил околу 300.000 евра. На прашањето дали некогаш би го облекол дресот на Македонија ова момче најави:
"Па... Никогаш не би рекол 'НЕ' за Македонија, но моите планови се сосема други. Реков дека ја сакам оваа земја во која живеат моите роднини, а за иднината знае само бог. Никогаш не кажувај никогаш...", со насмевка истакнува младиот "Хајро".
Фудбалерот даде свој коментар и за квалитетот на неговите врсници од Македонија кои загубија од Швајцарија со убедливи 3:0.
"Би сакал Македонија да има добри фудбалски резултати. Ние во Швајцарија работиме според еден систем кој носи успеси и сите млади селекции се во самиот врв, а освојуваат и титули од големите натпреварувања. Има инфраструктира, има услови за работа и има одлични тренери. Од она што го видов Македонија е далеку и не е конкурентна со најдобрите селекции", е одговорот на Хајровиќ за квалитетите на неговите врсници од земјава.
Шансите Хајровиќ да заигра некогаш за Македонија се речиси 0% иако никогаш ништо не се знае како што и самиот тој напоменува. Само ако Швајцарија одлучи дека не им е потребен во тој случај ние треба да стапиме во акција. За жал, сите екстра таленти одлучиле да играат за други земји, а не за нашата, а на таа листа од сегашните екстра таленти се Игњовски (Вердер-Србија), Мехмеди (Цирих-Швајцарија), Касами (Фулам - Швајцарија), Зеле Исмаил (Вулверхемптон - Англија).