Новиот македонски шампион е единствениот од екипите кои во штотуку завршената сезона обезбедија по натпреварувачки пат место на европската сцена во сезоната 2012/2013, а кој сe’ уште нема лиценца за настап во европските купови. Металург, Ренова и Шкендија од Комисијата за лиценцирање при Фудбалската федерација на Македонија веќе добија виза за Европа, за разлика од Вардар, кој поради трансформацијата во Акционерско друштво под посебни услови ќе мора да бара дозвола директно од УЕФА. Па, токму поради централното домашно фудбалско внимание деновиве се’ уште е насочено кон централата на водечката фудбалска институција во Европа.
Изминатата недела, непосредно пред заминувањето на "вардарците" во Молдавија, финишираше комплетирањето на документацијата која треба да се достави до УЕФА, по што наредниот период и официјално се чека одговорот од европската куќа на фудбалот.
Како и да е, претседателот на "црвено-црните", Зоран Шишковски, е убеден дека клубот ќе ја добие неопходната лиценца за европски настап...

"Поради тоа што Вардар е единствениот домашен клуб кој веќе се трансформираше согласно новите законски одредби во акционерско друштво, постапката за лиценцирање за нас се одвива под посебни услови. Доставивме нова документација која ја бараше УЕФА па сега Вардар лиценцата за европски настап треба да ја добие директно од европската куќа на фудбалот. Но, и според првичните информации и согласно досегашната комуникација со одговорните лица, не верувам дека ќе има проблем да се добие соодветната дозвола за европски настап", вели Шишковски.
Од раководството на Вардар нагласуваат дека крајниот рок за официјална потврда на клубовите кои ќе бидат дел од европската сцена ова лето е 10 јуни, а до тогаш веруваат дека и новиот македонски шампион ќе ја добие соодветната позиција пред ждрепката за 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Како што е познато, ждрепката за првите две кола во квалификациите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа треба да се одржи на 25 јуни. Првите натпревари од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите, кога и Вардар по добивањето на неопходната лиценца треба да ги стартува своите евро натпревари, се играат на 17/18 јули, додека реваншите се седум дена подоцна.