Volkswagen Group Components презентираа визионерски концепт за иднината на паркинзите за електрични автомобили, во вид на мобилни роботи кои автоматски ќе ги полнат ваквите автомобили.

Роботите би се движеле автономно, а би биле опремени со камери, ласерски скенери и ултрасонични сензори, со чија помош би ги лоцирале електричните возила на кои им е потребно полнење. Преку апликацијата наречена V2X, еден робот кој би носел неколку батериски вагони од 25kWh, со чија помош би можел да полни повеќе возила истовремено.
Според шефот на развојот при VW Group Components, овој визионерски прототип би можел релативно бргу да стане реалност, доколку условите за тоа станат вистински. Мобилните роботи за полнење би започнале револуција кога станува збор за полнење во различни видови на паркинзи (на повеќе спратови, подземни и сл.), бидејќи наместо автомобилот да се носи до инфраструктурата за полнење, би се случувало спротивното. Со тоа, секој паркинг би се претворил во електричен, без потреба од изградба на индивидуална инфраструктура за секој различен вид на паркинг.
Целиот процес на полнење би се одвивал без никаква човечка интеракција. По лоцирањето на возилото на кое му е потребно полнење, мобилниот робот на VW би донел приколка во форма на преносен уред за складирање на енергија (наречена батериски вагон), кој би ја поврзал со него. Кога полнењето ќе заврши, роботот би се вратил да го собере батерискиот вагон и да го врати назад во станицата за полнење.