Volvo XC40 Recharge на пазарот треба да се појави на крајот на 2020, а се работи за првиот комплетно електричен модел на овој шведски бренд.
Електричниот XC40 исто така ќе го означува и пристигнувањето на под-брендот на Volvo наречен Recharge, кој ќе ги вклучува сите нивни plug-in хибридни и комплетно електрични возила. Инаку, во следните 5 години треба да се појават 5 нови електрични модели, покрај XC40.
Како и другите XC40 варијанти, и Recharge е базиран на CMA (Common Modular Architecture) платформата на Volvo, напојувана од батериски пакет од 78kWh, а ќе има погон на сите тркала, моќност од 407 коњски сили, 660Nm вртежен момент, забрзување од 0-100км/ч. за 4.9 секунди, и домет од 400км.
Сo домашен полнач од 11kW батеријата ќе може да се наполни цела за нешто под 8 часа, а со комерцијален полнач од 150kW, полнењето до 80% ќе трае само 40мин.
Визуелно, разликата помеѓу Recharge и класичната варијанта е изгледот на предната решетка (која кај него е покриена), и Recharge беџовите.
Ентериерот е идентичен, но со нов Infotainment систем со Android оперативен систем.