Зголеменото внесување на сол во телото е значаен фактор на опасност за развој на атеросклероза, дури и кај луѓе со нормален крвен притисок, посочува ново истражување спроведено во Шведска.

Солта е штетна и пред развој на висок крвен притисок, вели написот објавен во интернет-журналот „European Heart Journal Open”. Испитувањата опфатиле 10.788 испитаници на возраст меѓу 50 и 64 години. По заклучоците, научниците велат дека зголемениот внес на сол преку храната го зголемува ризикот од развој на атеросклеротични лезии во коронарните и каротидните артерии, дури и кај луѓе со нормален крвен притисок и без претходно познати срцеви заболувања.
- Ретко кој обрнува внимание на врската меѓу промените во артериската калцификација и врската меѓу појавата на атеросклеротични наслаги и внесот на сол. Со оглед на тоа што ги имавме овие ексклузивни податоци од претходните истражувања, ги искористивме за да ги комплетираме претходните сознанија, вели д-р Јонас Вуопио од Институтот Каролинска и предавач на Универзитетот во Упсала.
Научниците потсетуваат дека дневниот внес на сол, како што е препорачан и од СЗО, не треба да надминува една кафена лажичка дневно. Зголемувањето на крвниот притисок поради внесот на натриум, дури и под нивото коешто ја дефинира артериската хипертензија, е важен фактор во односот меѓу внесот на сол и атеросклеротичниот процес.
- Со оглед на тоа што забележавме поврзаност кај луѓе со нормален крвен притисок, едно од можните објаснувања за ваквите наоди е дека штетните патолошки процеси почнуваат уште пред да се развие хипертензија. Истражувањата што ги спроведовме потврдуваат дека вишокот сол не е добра работа, но фактот дека е поврзан и со развој на атеросклероза, дури и во отсуство на хипертензија, за нас беше мало изненадување, изјави д-р Вуопио.
Исто така, се препорачува крвниот притисок да се одржува на помалку од 120/80, бидејќи веќе при крвен притисок од над 117/75, опасноста од развој на атеросклероза значително се зголемува.