Едно лице загина во експлозијата во Дијарбекир

Анкара, 11 април 2017 (МИА) - Еден од ранетите во денешната експлозија во објект за ремонт на полициски оклопни возила во градот Дијарбекир починал во болница од здобиените повреди.
Претходно беше соопштено дека во експлозијата, која се случила за време на ремонт на оклопно полициски возило биле ранети најмалку десет лица.
Еден од работниците во објектот, кој бил затрупан под урнатините починал подоцна во болница, се наведува во соопштението на локалната власт на Дијарбекир.
Во соопштението се додава дека другите ранети во експлозијата се на лекување во болница, но не се прецизира нивниот број.
Во тек е истрага за причината за експлозијата. Според министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу експлозијата биа предизвикана од ремонтни работи и не била последица на напад. ац/ссм/14:02
###



Турција изградила 556 километри од бетонскиот ѕид на границата со Сирија
Анкара, 11 април 2017 (МИА) - Турција изгради 556 километри од бетонскиот ѕид на границата со Сирија, објави денеска турското Министерство за одбрана на Твитер.
И покрај преземените дополнителни безбедносни мерки последната година спречени се 57.186 обиди за незаконско применување на границата на Туриција, од кои 89,5 отсто се случиле на турско-сириската граница. Меѓу приведените за незаконско преминување на границата имало државјани на 74 земји, но најголемиот број биле од Сирија.
Исто така во 2016 година утврдено е дека бројот на луѓе кои сакале да се придружат на Исламска држава, а преминувале преку турска граница седумкратно се намалил во споредба со 2015 година. ми/зш/15:09
###



Блокиран реонот околу атинскиот плоштад Синтагма поради дојава за бомба
Атина, 11 април 2017 (МИА) - Грчката полиција денеска го блокира реонот околу плоштадот Синтагма во Атина поради дојава за поставена бомба, јави АНА-МПА.
Неидентификувано лице се јавило во локален весник и најавило дека попладне ќе експлодира бомба во банка на улицата „Отонос“.
Грчката новинска агенција наведува дека припадници на полициската единица за деминирање се испратени на плоштадот, каде се наоѓа и грчкиот Парламент. ми/зш/15:06
###



Српската полиција приведе 200 мигранти близу границата со Хрватска
Белград, 11 март 2017 (МИА) - Српската полиција приведе 200 мигранти, кои биле откриени во реонот на градот Шид во близина на границата со Хрватска, јави електронското издание на белградскиот весник „Блиц“.
Според весникот, поголемиот дел од мигрантите илегално престојувале на територијата на Србија, додека останатите биле регистирани во центарот за прием на бегалци во Шид.
Градоначалникот на Шид, Предраг Вуковиќ информираше дека мигрантите биле откриени минатата ноќ на неколку ниви во околина на Шид. Од вкупниот број приведени мигранти, 180 со автобуси биле пренесени во центарот за прием на бегалци во Прешево, во близина на границата со Македонија, додека останатите 20 се изведени пред правосудните органи.
Вуковиќ додаде и дека Опоштинскиот совет на Шид веќе поднел барање за затворање на бегалскиот центар во градот, од причина што неговиот капацитет е за прием на 200 лица, а таму во моментов се смесетни околу 500 мигранти.
„Блиц“ наведува дека судбината на бегалскиот центар во Шид ќе биде решена во следните неколку дена, при што се разгледуваат две можности. Првата е тој да биде целосно затворен, како што бара Општинскиот совет, а втората е во него да останат само околу 100 лица, пред се жени, деца и болни, а преостанатите да бидат префрлени во други центри за бегалци.

Локалните жители на Шид се жалат дека мигрантите често краделе и предизвикувале тепачки. Минатата година еден мигрант со нож рани локален жител на едно село крај Шид, а пред неколку дена друг вооружен со секира упаднал во една куќа. сп/15:19
###



Кипарските лидери се договорија за четири нови средби
Никозија, 11 април 2017 (МИА) - Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис го поздрави денеска обновувањето на преговорите со лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи по осумнеделниот прекин, изразувајќи надеж дека ќе биде постигнат напредок на следните четири средби, кои се планирани да започнат од 20 април.
По средбата Анастасиадис истакна дека разговорите со Акинџи претставувале корисна размена на ставови. Двајцата лидери се согласиле на четири нови средби, кои почнуваат од 20 април, а преговарачките тимови утре ќе ја обноват својата работа за да подготват план.
Анастасиадис се надева дека новиот круг преговори ќе им овозможи на двете страни да најдат начин за решение на кипарското прашање. гт/зш/16:27
###



Борисов и го понуди местото претседател на Собранието на лидерката на социјалистите
Софија, 11 април 2017 (МИА) - Лидерот на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов денеска на претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова и ја понуди функцијата прв човек на Народното собрание на Бугарија, јави БТА.
По денешната средба на делегациите на ГЕРБ и БСП, Борисов изјави дека на Нинова и го понудил местото претседател на Собранието, поради добриот изборен резултат на социјалистите на последните избори, но дека таа ја одбила понудата.
Нинова од своја страна потврди дека добила ваква понуда од Борисов.
- Добив предлог од Борисов да бидам претседател на Народното собрание, но го одбив, затоа што оние еден милиони Бухари кои гласаа за нас беа за промени и една функција нема да ги надмине принципиелните разлики, рече Нинова.
Главна тема на средбата меѓу делегациите на ГЕРБ и БСП биле претстојното бугарско претседавање со ЕУ, процесот на Брегзит и мигрантската криза. И Борисов и Нинов нагласија дека на средбата не станало збор за формирање владина коалиција меѓу нив и уште еднаш ја отфрлија таквата можност.
ГЕРБ, која освои најмногу гласови на неодамнешните предвремени парламентрани избори, од минатата недела преговара за формирање влада со коалицијата Обединети патриоти (ОП). Потпретседателот на ГЕРБ, Цветан Цветанов вчера изјави дека е поситгнат напредок во преговорите и дека до крајот на оваа недела ќе бидат утврдени параметрите кои ќе претставуваат основа на „новата стабилна влада предводена од Бојко Борисов“.
За бугарското претседавање со ЕУ, ГЕРБ утре ќе разговара и со партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС).
- Мислам дека за теми, како што се безбедноста и европското претседавање, би можеле да утврдиме заеднички цели во Парламентот..., за да може државата нормално да фукционира во текот на следните месеци и години, изјави Борисов. сп/16:59
###



Нови две жртви на морбили во Романија
Букурешт, 11 април 2017 (МИА) - Уште две лица починаа од морбили во Романија во последните седум дена, со што бројот на жртвите достигна 21 лице, изјави претседателот на Романското здружение за микробиологија, Александру Рафила.
Тој потврди дека починало 17-годишно девојче, кое не било вакцинирано и имало и други заболувања, како и дете на една и пол годишна возраст, кое исто така не било вакцинирано.
Според Националниот институт за јавно здравје, до 7 април биле потврдени 4.090 случаи на морбили, од кои 19 смртни во различни романски области. гт/зш/18:00
###



Еди Рама: Во Албанија нема криза
Тирана, 11 април 2017 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама ги оцени како неточни тврдењата на опозициската Демократска партија, дека Албанија е во криза, јави денеска АТА.
- Во Албанија нема криза, изјави Рама во телевизиско интервју.
Интервјуто на Рама следи по вчерашната средба на лидерите на албанските опозициски партии, на која тие донесоа конечна одлука да не учествуваат на парламентарните избори закажани за 18 јуни, за кои крајниот рок за регистрација истече синоќа на полноќ.
Коментирајќи ја ваквата одлука, Рама рече дека народот има право да реши кој ќе управува со земјата во следните четири години, нагласувајќи дека со опозицијата единствено може да разговара за законската рамка за изборите.
Опозицијата уште претходно најави дека ќе ги бојкотира изборите доколку Владата на Рама не поднесе оставка и не биде формиран технички кабинет за спорведување на изборниот процес.
- Опозицијата е душата на слободата и се додека има слобода ќе има и опозиција, рече Рама во интервјуто.
Тој изрази надеж дека сепак сите политички сили ќе учествуваат на изборите и покрај сегашните ставови.
- Ние сме во процес на историски реформи. Реформата на правосудсвото е од клучна важност. Сега сме на патот да ја решиме иднината на Албанија и затоа ќе има избори, незавиосно од тоа кој што зборува, рече Рама. сп/18:18
###



Во Србија најавено формирање на 500 задруги
Белград, 11 април 2017 (МИА) – Министерот во Владата на Србија задолжен за регионален развој Милан Кркобариќ изјави денеска дека во следните три години во 500 големи села во државата ќе бидат формирани 500 задруги.
– Државата ќе учествува во формирањето на тие задруги и помош до 50.000 евра по задруга, изјави тој.
Според него, тоа ќе биде најголемо вложување во историјата на задругарството и тие пари ќе бидат доволни да се вложат во основни средства и да се заокружи процесот на производство.
Тој додаде дека во моментот во Србија има околу 1.100 задруги и тоа не е доволно бидејќи порано имало повеќе од 3.500. Кркобариќ рече дека во светот има 800 милиони задруги и околу 750 илјади задруги.
– Ќе се обидеме да го вратиме духот на задругарството, потенцираше тој. зш/18:31
###



Шојбле: Постои опасност од диктатура на Ердоган во Турција
Берлин, 11 април 2017 (МИА) - Постојат знаци што укажуваат дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган можеби сака да воведе диктатура во Турција преку реферемдумот за зголемување на надлежностите на шефот на државата, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.
Според Шојбле, уставните измени во Турција би можеле да бидат сфатени и како обид за создавање „автократија или дури и диктаура“.
- Доколку се следат настаните во последните години, можат да се увидат некои знаци што ужауваат на тоа, кои се вознемирувачки, истакна Шојбле. сп/20:21
###



Србија: Продолжуваат протестите против победата на Вучиќ
Белград, 12 април 2017 (МИА) - Во Србија деветти ден по ред се одржуваат протести поради победата на поранешниот српски премиер Александар Вучиќ на претседателските избори во земјата. Синоќа протести се одржаа во Белград, Ниш и Нови Сад.
Демонстрантите го блокираа движењето во градовите. Тие носеа транспаренти на кои се бара промена на политичката елита, да се одржат чесни избори, еднаков пристап до образованието и до државното финансирање за него, здравство за сите, слободни медиуми и за заштита и зголемување на работничките права.
- Народот гласа, а елитата се радува, стоеше на еден од транспарентите на протестите во Белград.
Според податоците на Државната изборна комисија по обработени 96,6 проценти од гласачките ливчиња, во првиот круг од изборите Вучиќ води со 55,02 отсто.
Истовремено, Вучиќ изјави дека победува во осумтте изборни единици, каде имаше прегласување поради константните изборни неправилности.
Поранешниот српски премиер истакна дека пред девет денови на изборите за претседател во земјата тој добил 53,84 проценти, а денеска, кога победата му е оспорувана од луѓето, кои не можат да го прифатат поразот, тој добива во местата каде имаше прегласување 71,66 отсто од гласовите. см/ссм/07:48
###




За една година над 30.000 мигранти пристигнале на грчките острови, но само 944 се вратиле назад во Турција
Атина, 12 април 2017 (МИА) - Иладници мигранти пристигнуваат на грчките острови, но малкумина ја напуштиле Грција. Истовремено, и покрај намалувањето на миграциските токови кон островите, што процентуално стигна до 97 отсто по примената на спогодбата меѓу ЕУ и Турција, илајдници луѓе, во многу тешки услови, се блокирани во жешките точки на островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Лерос, пренесе весникот „Катимерини“.
Весникот цитира податоци на Европската комисија, што покажуваат дека од 20 март 2016 година до 4 април 2017 година на грчките острови пристигнале 30.565 мигранти, а во истиот интервал едвај 944 лица биле вратени назад во Турција, како реализација на спогодбата.
Паралелно со ова, 7.220 бегалци и оние кои побарале азил, од островите биле префрлени во внатрешноста на Грција, затоа што властите им ги одобриле барањата за азил или затоа што било одлучено дека треба да бидат преместени, бидејќи тоа во најголем случај биле деца и семејства. сд/ссм/08:41
###



Турската полиција во акција во Истанбул привела 27 членови на ПКК
Истанбул, 12 април 2017 (МИА) - Екипи на турската полиција денеска во повеќе акции низ Истанбул привеле 27 членови на Курдската работничка партија (ПКК) и на младинското крило на оваа органзизација, јави турската телевизија НТВ.
Акциите се преземени по добиени сигнали за планирани терористички акции од страна на ПКК во Истанбул.
Властите издале наредби за претрес на домовите на вкупно 35 членови на организацијата.
Акциите се преземени во 15 општини на Истанбул. При претресите на домовите на осомничените одземени се многу документи и дигитални материјали на ПКК.
ПКК, која од 1984 година води вооружена борба против турската држава, од Анкара, ЕУ и САД е прогласена за терористичка организација. сд/ссм/09:27
###



Сојлу: Вчерашната експлозија во зградата на полицијата во Дијарбакир беше терористички акт
Истанбул, 12 април 2017 (МИА) - Вчерашната експлозија во зградата на полицијата во југоисточниот турски град Дијарбакир, при што загинаа три лица, беше терористички акт, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
Експлозијата се случила во одделот за ремонт на оклопни возила при единицата на силите за брзо реагирање на Дирекцијата за безбедност во Дијарбекир.
Сојлу посочи дека нападот бил извршен преку тунел, ископан под зградата.
- Првично оценивме дека експлозијата се случила во автомобил, но се откри дека терористи ископале тунел и поставиле експлозив. Така што ова е терористички акт, нагласи Сојлу.
Еден полицаец загина при нападот, а останатите две лица починаа во болница поради тешките повреди. Десет лица се повредени при нападот. см/ссм/10:23
###



Дваесет и девет работници се повредени во инцидент во фабрика во Турција
Истанбул, 12 април 2017 (МИА) - Дваесет и девет работници се повредени денеска во инцидент во текстилна фабрика во градот Черкези, во округот Текирдаг, во северозападна Турција.
Според информација на телевизијата Си-Ен-Ен Турк во фабриката одекнала експлозија.
Телевизијата НТВ, пак, објави дека во фабриката дошло до истекување на токсични хемиски супстанци, по што 29 работници биле хоспитализирани.
Во регионот се испратени противпожарни екипи, полиција и возила на брза помош. ац/ссм/10:30
###



Анкета: Граѓаните на БиХ исто за ИД, но различно за САД
Сараево, 12 април 2017 (МИА) - Големо мнозинство граѓани на Босна и Херцеговина од сите три конститутивни народи, имаат негативно мислење за групацијата Исламска држава, но етничките разлики се мошне големи кога е во прашање односот кон другите држави, покажува истражувањето на американскиот институт ИРИ.
Големо мнозинство од граѓаните на БиХ имаат негативно мислење за ИД (Бошњаци 85 отсто, Хрвати 96 отсто, Срби 92 отсто).
Слично на тоа граѓаните на БиХ се обединети по прашањето за функционирање на секуларната држава и немешањето на религијата и власта (Бошњаци 58 отсто, Хрвати 56 отсто, Срби 49 отсто).
Повеќе од 55 проценти од граѓаните на БиХ, без оглед на верската или етничката припадност сметаат дека невработеноста е најголем проблем во државата.
Кога станува збор за односите кон други држави етничките разлики стануваат поизразени. Мнозинството Бошњаци (64 отсто) и Хрвати (56 отсто) имаат позитивна слика за САД, додека само 26 отсто од Србите го имаат овој став.
Слично доживување народите имаат и за Европската унија - позитивен став заземаат 65 отсто од Бошњаците, 59 отсто од Хрватите и само 18 отсто од Србите.
Од друга страна позитивно мислење за Русија имаат 29 отсто од Бошњаците, 43 отсто од Хрватите и 89 отсто од Србите.
Исто така мнозинството граѓани на БиХ, без разлика на етничката припадност сметаат дека БиХ не припаѓа ниту на Исток, ниту на Запад.
Анкетата е изработена во период меѓу 4 јануари и 3 февруари. ац/ссм/12:04
###



Анкета: Над половина Турци ќе гласаат со „да“ на референдумот во недела
Истанбул, 12 април 2017 (МИА) - Резултатите од две анкети покажуваат дека за претстојниот референдум во Турција за воведување на претседателски систем, што ќе се одржи в недела, мала предност имаат позитивните гласови.
Гласачите во Турција ќе можат да го искористат нивното право на глас на 16 април, додека гласањето надвор од земјата почна кон крајот на март и заврши во неделата.
Податоците од истражувањето на социолошката агенција „АНАР“ покажуваат дека 52 отсто од Турците ќе гласаат со „да“, додека осум проценти се уште немаат одлучено. Анкетата била спроведена на 4.000 лица во 26 турски окрузи во периодот од 5 до 10 април.
Според податоците на агенцијата „Консенсус“, 51,1 процент од Турците ќе го поддржат воведувањето на претседателски систем во земјата. Анкетата е спроведена на 2.000 лица во 41 турски округ. см/ссм/11:59
###



Грчкиот министер за одбрана го посети Косово, но немаше официјални средби
Атина/Приштина, 12 април 2017 (МИА) - Грчкиот министер за одбрана Панис Каменос, вчера престојуваше на Косово, каде ги посети грчките војници од составот на КФОР, но не се сретна ниту со еден официјален претставник на централните институции во Приштина.
Грчкиот весник „Катимерини“, во своето денешно онлајн издание, пренесува дека Каменос во обраќањето до припадниците на грчката војска во Косово го истакна растечкото значење на улогата на Грција на Балканот.
„Грција веќе не е споредна земја во регионот, туку по многу години постепено добива водечка улога во создавањето значајна осовина на стабилноста“, истакна грчкиот министер.
Каменос, исто така, го критикуваше засилувањето на агресивната реторика на Турција, порачувајќи дека „националните планови ќе бидат применети доколку кој било се обиде да ги повреди националниот суверенитет или територијалниот интегритет на Грција“.
- По ниту една цена нема да се повлечеме и ниту еден предизвик нема да мине без одговор, предупреди тој.
Медиумите во Приштина забележуваат дека Каменос во текот на посетата на Косово не се сретна ниту со еден официјален претставник на централните институции во Приштина, потсетувајќи дека Грција е една од петте земји членки на ЕУ која не ја признаа независноста на Косово. сд/ссм/11:57
###



Кукан и Фленкенштајн загрижени за состојбата во Албанија
Тирана, 12 април 2017 (МИА) – Европаратениците Едуард Кукан и Кнут Фленкенштајн предупредија дека ситуацијата во Албанија може негативно да влијае врз економијата на земјата, како и привлекувањето странски ивестиции и фондови од ЕУ.
Фленкенштајн на средба со албански новинари изјави дека политичката ситуација во земјата станува многу тешка и оти тоа ќе има свое влијание во економијата.
Задржувајќи се на правосудните реформи, известувачот за Албанија во Европскиот парламент, нагласи дека тие се многу значајни за земјата, но и за инвеститорите, бидејќи тие имаат потреба да веруваат во спроведувањето на законот и доколку ја немаат таа гаранција нема да инвестираат.
Повикувајќи се на информациите со кои располага, околу законските рокови, тој оценил дека доколку нема избори, земјата може да остане без претседател, без парламент, без влада.
-Не знам колку лошо ќе се одвива ситуацијата, но во една земја која во блиска индина постои опасност да остане без парламент, претседател, влада, нештата не се очекува да одат на добро. Оваа ситуација негативно влијае во економијата и довербата на инвеститорите, нагласи Фленкенштајн.
И европартеникот Едуард Кукан искажува загриженост за актуелната политичка ситуација и начинот на кој може да одат работите. И тој смета дека политичката ситуација може да влијае врз економијата.
- Има директна поврзаност меѓу политичката состојба во земјата, онаа меѓународната и привлекувањето фондови од Европа. Колку попозитивна состојба толку повеќе фондови може да се привлечат, изјави Кукан, додавајќи дека на Албанија досега економски оди добро.
Двајцата европратеници се против бојкотот во Парламентот од страна на опозицијата и додаваат дека единствено позитивно нешто е да има политички дијалог. Тие во истовреме упатуваат апел политиката да не ја држи во заложништво земјата. вт/ссм/12:12
###



Тахири: Нема дијалог со Белград се додека Харадинај не биде ослободен
Приштина, 12 април 2017 (МИА) - Дијалогот со Белград ќе може да продолжи откако Рамуш Харадинај ќе биде ослободен и откако косовското Собрание ќе го укине решението за прекин на преговорите, изјави косовската министерка за дијалог Едита Тахири.
Како што пренесува приштинскиот весник „Лајм“, таа ова го кажала во обраќање пред еден од парламентарните одбори.
Според неа, Косово се покажало како партнер кој гради мир во регионот.
-Косовската Влада смета дека дијалогот со Брисел произведе значајни резултати и сите постигнати спогодби се во склад со косовскиот Устав, наведе Тахири. сд/12:31
###



Турските сили за безбедност привеле 43 странци, од кои 20 се осомничени џихадисти
Истанбул, 12 април 2017 (МИА) - Турските сили за безбедност денеска привеле 43 странци, кои од Сирија нелегално влегле во Турција и кои во округот Килис навлегле во зона на армијата, соопшти турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк.
При претресите кај осомничените биле откриени ремени со експлозиви (за изведување самоубиствени напади), како и осум рачни гранати.
Дури 23 од осомничените странци се деца.
Турските власти почнаа истрага против 20 од приведените, кои се осомничени за членство во групата Исламска држава.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...