Оптимизам во Скопје и Атина пред новата рунда разговори за името во Брисел

Посредникот на ОН во разговорите за прашањето на името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, по тригодишна пауза, во понеделник и вторник во Брисел ќе има средба со претставниците на двете земји Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.

Средбата, како што најави канцеларијата на Нимиц, е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името.

Новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција, како и оптимистички очекувања од Скопје и Атина, но и од Вашингтон и Брисел за ставање крај на долгогодишниот спор.

Македонскиот премиер Зоран Заев во повеќе наврати изјави дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција. Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Заев истакна дека треба да се најде решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни.

- Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да добиеме повеќе, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото, изјави Заев.

Во однос на спектарот отстапки што е подготвен да ги направи, но и за тоа дали се согласува со промена на името на аеродромот, македонскиот премиер вели „дека е јасно оти е полесно да се промени името на еден аеродром отколку името на земјата“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, очекува позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија во 2018 година доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.

- Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во таков случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива, безбедност и сигурност на соседната земја, порача Ципрас вчера од Белград по средбата со неговите колеги од Србија, Бугарија и Романија.

Претходно, и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, изјави дека очекува прашањето да биде затворено во првата половина на наредната година. Сепак, вели Коѕиас, решението мора да биде компромис за името за да се отвори патот на Македонија кон ЕУ и другите организации во кои сака да се приклучи.

Оптимизам дека спорот конечно може да се реши искажаа и американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји и еврокомесарот Јоханес Хан. Ји смета дека прашањето за името е досега на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение. Хан, пак, изјави дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Како прилог кон тоа, Ји и Хан, ги нагласуваат подобрените политички релации меѓу Скопје и Атина.

Добра волја за решение кај двете страни гледа и медијаторот Нимиц, кој во изјава за Независната Балканска новинска агенција - ИБНА, изрази и надеж дека ќе бидат надминати и т.н. црвени линии поставени од Атина и Скопје.

И медиумите во Грција коментираат дека средбата на Нимиц со претставниците на двете земји во Брисел, е знак за континуитетот на позитивната клима, која се создаде во односите меѓу двете земји по промената на власта во Македонија. Како временска рамка која го придвижува решавањето на спорот и постигнување заемно прифатливо решение, се посочува следниот самит на НАТО, што треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел, а на кој Македонија се надева дека конечно ќе се отвори патот да стане членка на Алијансата.

Грчките медиуми најавуваат и дека е можно Нимиц на средбата во Брисел да излезе и со нов предлог за името.

Последната формална рунда разговори на медијаторот на ОН со претставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...