
Истанбул, 8 март (МИА) - Најмалку 57 лице загинаа во земјотресот, што изминатата ноќ го погоди реонот на Елазиг, во источна Турција, соопштија турските електронски медиуми и светските агенции, повикувајќи се на градскиот кризен штаб.
Загинатите се жители на пет села во реонот на Елазиг. Приближно 100 лица се повредени и веднаш се сместени во болница, а некои од нив се во тешка состојба. Предизвикани се и материјални штети, а оштетени се главно еднокатни згради и селски објекти.
Најлошо мина селото Окчулар, каде се информира за 17 загинати, а урнатите куќи изгледаат како купишта отпадоци.
-Селото е целосно срамнето со земја, изјави старешината на Окчулар Хасан Демирдаг за турската приватна телевизија НТВ.
Според Центарот за набљудување земјотреси, епицентарот на потресот бил регистриран во 4:32 по локално време и бил на 21 километар југоисточно од Елазиг, на длабочина од пет километри. Регистрирани се уште дваесетина последователни потреси од кои најсилниот бил од 4,1 степен по Рихтер.
Потресот предизвика паника меѓу населението, кое поголемиот дел од ноќта ја мина надвор од домовите.
Спасувачките екипи трагаат по уште повредени, а на луѓето, кои стравуваат да се вратат во своите домови, и делат топла храна и напитоци.
Екипи на турската Црвена полумесечина почнаа да делат топла облека. Според валијата Муамер Ерол спасувачите стигнале до сите настрадани реони, зафатени од земјотресот.
За реонот на природната катастрофа заминаа вицепремиерот Џемил Чичек, министерот за здравство Реџеп Акдаг и други претставници на властите во Анкара.
Послаб земјотрес бил почувствуван во соседните окрузи на Елазиг- Туџели, Бингол, Ерзурум и Дијарбекир.
Турција се наоѓа во силно активен сеизмички регион и често е жртва на земјотреси. Во 1999 година потрес со магнитуда од 7,4 степени ја предизвика смртта на 18.000 лица во западна Турција.