
Вашингон, 9 март (МИА) - Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави во Вашингтон дека европската интеграција на државите од Западниот Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој.
- Завршувањето на задачите за интеграција на балканските земји во евроатлантските институции е клучно за регионалната стабилност и развој, изјави Клинтон на синоќешната прес-конфернцијата во Вашингтон после состанокот со премиерот на Грција Јоргос Папандреу, поздравувајќи ја водечката улога на Грција во напорите за остварување на таа цел.
Клинтон рече дека со Папандреу, кој е во тридневна посета во САД разговарале за Балканот, каде Грција има клучна улога во унапредувањето на економските можности, стабилноста и демократијата, објави американскиот Стерј департмент на својот вебсајт.
Папандреу потсети дека Грција ја покрена иницијатива за промовирање на идејата државите на Западниот Балкан, кои се уште не се членки на Европската унија, дека би требало да пристапат кон таа организација до 2014 година.
- Тоа е важно за стабилизација на балканскиот регион. Грција се наоѓа крстосница меѓу Балканот, Медитеранот и Блискиот Исток кои како соседни области се од голема важност за нас, рече Папандреу.
Грчкиот премиер нагласи дека за неговата држава посебно значење имаат грчко-турските односи и дека Атина го поддржува приемот на Турција во ЕУ.