Приштина, 21 февруари 2011 (МИА) - Косовскиот Парламент, избран на изборите одржани во декември, денеска ќе ја одржи својата конститутивна седница, на која се очекува де биде избран и новиот претседател на Косово.
Конститутивната седница се одржува по саботното потпишување на коалицискиот договор меѓу Демократската партија на Косово (ПДК) на актуелниот премиер и мандатор за состав на новата Влада, Хашим Тачи и Алијансата за ново Косово (АКР) на контроверзниот бизнисмен Беџет Пацоли.
Покрај овие две партии во идната косовска Влада ќе партиципираат и Листата „Д-р Ибрахим Ругова“, Српската либерална партија и малцинската коалиција Група 6 Плус, со што владината коалиција обезбедува 65 пратеници во 120-членото косовско Собрание.
Како што објави весникот „Коха диторе“, ПДК во новата влада ќе го даде премиерот, еден вице-премиер и осум министри, а АКР добива едно вице-премиерско и три министерски места. Листата „Д-р Ибрахим Ругова“ ќе добие едно министерско место, српските партии три министерски ресори, a партиите на останатите малцинства ќе дадат два министри и еден вице-премиер.
Согласно договорот косовски претседател треба да биде Пацоли, чиј избор, како што оценуваат аналитичарите, за новата владина коалиција ќе претставува поголем предизвик од самото утврдување на составот на новиот кабинет.
Тачи по добивањето на мандатот за состав на новата влада изјави дека нејзини приоритети ќе бидат укинување на визниот режим за косовските граѓани при патување во земјите на Европската унија, интегрирање на Косово во НАТО и ЕУ и обезбедување благосостојба на населението.