Приштина, 7 април 2011 (МИА) - Косовското Собрание вечерва уште во првиот круг ја избра Атифет Јахјага за претседател на Косово.
За изборот на Јахјага гласаа 80 пратеници, десетмина гласаа за нејзината противкандидатка Сузана Новобрдалиу, додека десет гласaчки ливчиња беа неважечки.
Како што јави дописникот на МИА, пратениците на движењето „Самоопределување“, откако дадоа оценка дека предложените кандидати го немаат потребното искуство и не ги искажале нивните погледи и заложби, пред гласањето ја напуштија собраниската сала.
Јахјага, кој е прва жена што ќе ја извршува функцијата претседател на Косово, до денеска беше заменик директор на Косовската полиција.
Таа е родена на 20 април 1975 година во Ѓаковица. Правен факултет завршила во Приштина во 2000 година. Поседува сертификат за менаџирање во полиција и кривично право од Универзитетот во Манчестер.
Има завршено и обука во центарот за европска безбедност „Џорџ Маршал“ во Германија и во националната агенција на ФБИ во САД. Моментно има чин генерал-полковник.
Мажена е за Астрит Кучи, нема деца.
На функцијата претседател Јахјага ќе остане до изборот на претседател на непосредни избори.