Турција побара помош од 30 земјиАнкара, 26 октомври 2011 (МИА) - Турција побара помош од повеќе од 30 земји за да обезбеди привремено сместување за десетици илјади граѓани кои останаа без домови во разурнувачкиот земјотрес, што во неделата, го погоди југоисточниот дел на земјата.
Анкара во почетокот зборуваше дека не и е потребна помош од страна и дека сама ќе обезбеди сместување на граѓаните кои се најдоа под ведро небо и тоа во моментот кога температурата многу се намали.
Во дипломатскиот лупинг, Анкара побара од 30 земји монтажни куќи и шатори како и други производи, што се неопходни за вонредни ситуации.
- Ние ги информиравме сите земји кои ни понудија помош да ни испратат материјали неопходни за граѓаните, потврдија официјални лица во Анкара, пренесуваат агенциите.
Помошта е побарана и од Израел, иако односите меѓу двете земји во последно време се сериозно нарушени.
Во Министерството за одбрана на Израел потврдија дека во текот на денот ќе ги испратат првите транспортни авиони во Турција со монтажни куќи.
Повеќе од 2.000 куќи се уништени во разурнувачкиот земјотрес со јачина 7,2 степени, додека многу се оштетени. Граѓаните кои ги поминуваат деновите под ведро небо ја критикуваа Владата која во меѓувреме го промени ставот и побара помош од други земји.
Во земјотресот загинаа повеќе од 460 лица, додека 1.350 се повредени, но се стравува дека бројот на жртви ќе биде поголем затоа што има луѓе под урнатините.
|