Deutsche Welle

Македонски модел на „еднаквост“: Богатите побогати, сиромашните посиромашни!

Збогатувањето на богатите и осиромашувањето на сиромашните, не е природен процес, туку резултат на свесно водени владини политики, велат експертите и предлагаат решенија за намалување на нееднаквоста

Економската нееднаквост се зголемува, социјалното раслојување расте, јазот меѓу богатите и сиромашните станува драматично голем. Од 2006 година наваму, Македонија галопирa кон земјите со најголема нееднаквост во светот. Џини индексот, кој е индикатор за нееднаквост според дистрибуцијата на доходот, во 2010 година за Македонија изнесува 43.2. Во 2003 година изнесувал 39.0. Денес нема европска земја со толку висок коефициент на нееднаквост. За споредба, тој индекс за Германија изнесува 28.3, за Норвешка 25.8, за Швајцарија, 33.3, за Грција, 34.7, за Црна Гора 28.6, за Бугарија, 28.2. Поранешниот гувернер на НРБМ, Петар Гошев, на почетокот на разговорот за оваа тема, го цитира ставот на нобеловецот Јозеф Стиглиц, од воведниот дел на неговата книга “Цената на нееднаквоста“: „Владите не ги решаваат клучните економски проблеми, вклучително истрајната невработеност, а универзалните вредности за правичност се жртвувани за алчноста на малубројните и покрај спротивната реторика: чувството за неправичност стана повеќе чувство на предавство“. Напишаното е целосна етикета и за Македонија, вели Гошев.

„Македонија е лидер во Европа според трите клучни егистенцијални параметри - невработеноста, нееднаквоста и сиромаштијата. Кога би се анализирале и податоците за дистрибуцијата на богатството, што не е можно да се направи на квалитетен начин поради слабата и политизирана државна статистика, како и отсуството на редовни и квалитетни пописи, нееднаквоста би се покажала во уште посурово издание. Тоа докажува дека сме меѓу лидерите во примената на една растечки дисфункционална форма на капитализам, како што би рекол Стиглиц, а сликата за тоа е крајно вознемирувачка: 'Богатите живеат се повеќе во заедници заградени со ѕидови и капии, послужувани од бројни нископлатени работници'. По улиците се’ побројни се клетниците, кои полицијата ги прогонува за да не им го расипуваат расположението на 'останатите'. Се множат кражбите, убиствата и самоубиствата, а владата советува да не се пијат антидепресиви. Биле штетни за здравјето на се поголемата армија очајници“, вели Гошев.

Неславно лидерство

Кога би постоела апсолутна еднаквост, коефициентот би бил нула (0) и ќе значи дека сите домаќинства располагаат со еднаков износ на доход. Кога, би постоела апсолутна нееднаквост, коефициентот би изнесувал сто (100), што значи дека едно домаќинство располага со вкупниот доход на земјата. Најнееднаквите општества се оние чиј коефициент на доходна нееднаквост изнесува околу педесет (50) и над тоа. Македонија со својот коефициент од 43.3 е веќе близу до земјите со најголема нееднаквост. Според Гошев, има повеќе причини за процесот на раслојување, но најважни се три.

„Првата причина е даночниот систем, кој со т.н. рамни стапки на оданочување за сите, како и доминацијата на индиректните даноци, де факто наплаќа даноци со повисоки стапки од оние кои се во долната половина од доходната пирамида на населението. Втората причина е огромната корупција во земјата, чии последици повторно се претежно врз долната половина од доходната пирамида на населението. Третата причина е форсираниот модел за привлекување странски инвестиции во земјата, со кој на странските инвеститори им се дава сѐ, за тие да дадат едно големо ништо, претворајќи ја земјата во класична колонија која чека да биде нахранета со трошките од трпезата на (нео)колонијалните господари. На овој начин, не само што културата и историјата ни се свртени кон далечното минато, туку и економскиот систем не’ води право кон ерата опишувана од Балзак и Џејн Остин, кога, на пример, само 10% од парижаните поседувале дури 90% од богатството на Париз во тоа време. Нашите хиперамбициозни владетели, во комбинација со нивното незнаење и нечесност, не го разбираат сето ова. Не ги разбираат социјалните процеси, не ја разбираат врската меѓу економијата и демократијата, меѓу правичноста и политичката стабилност, особено во една мултикултурна, мултиконфесионална земја, каква што е нашата“, констатира Гошев.

Пет столба

Податоците покажуваат дека и според индикаторот „население под линијата на сиромаштијата“, Македонија е лидер во Европа. Во периодот 2002-2012 година, 19% од вкупното население на Македонија е под линијата на сиромаштијата. За споредба, овој показател за Албанија, во истиот период, изнесува 12.4%, во БиХ 14%, во Хрватска 11.1%, во Црна Гора, 6.6 %, во Србија, 9.9%, во Латвија, 11.1%. Драган Тевдовски, доцент на Економскиот факултет, причините за нееднаквоста ги гледа во фактот дека на Македонија и се случува една неприродна мешавина на неолиберална идеологија и популизам која има само една цел - да го зголеми доходот и богатството на една мала група на луѓе. Вели дека неолиберализмот може да се препознае во зголемувањето на флексибилноста на пазарот на трудот, рушењето на моќта на синдикатите, рамните и ниски даноци, уривањето на системот на јавно здравство и неговата замена со приватни болници, доброто котирање на земјава на рејтинг листи за условите за водење на бизнис и глорифицирањето на странските директни инвестиции. „Клучно за неолиберализмот е што не обезбедува раст на инвестициите, подобрување на продуктивноста и отворање на значаен број на нови работни места. Зошто? Носителите на власта, иако воведените неолиберални елементи ги најавуваа како подобрување на пазарниот амбиент, во суштина никогаш и не им дадоа шанса, туку ги искористија за отстранување на заштитата на работниците, одржување на платите на мизерно ниско ниво и спречување на редистрибуција на доходот од елитите кон останатите во општеството“, објаснува Тевдовски. За да се намали економската нееднаквост во Македонија, тој смета дека не е доволна некаква програма ниту реформи во 100 или милион чекори, туку поставување на фундаменталните столбови во општеството.

„Потребно да се изградат пет столбови. Првиот столб е предуслов за сè – да се врати демократијата во земјата, да се обезбеди владеење на правото, преку независно судство, слободни медиуми и активен граѓански сектор како корективи на власта. Вториот столб треба да го сруши популизмот и политичката патронажа и да даде нова насока за развојот на економијата. Да обезбеди одговорност на јавните трошења, и да ги постави малите и средни претпријатија, долгорочните вложувања и растот на платите како приоритети за развојот на економијата, наместо досегашните странски директни инвестиции и ниска цена и заштита на трудот. Третиот столб треба го демонтира неолиберализмот и да го замени со социјално праведна држава со прогресивни механизми за оданочување и плаќање на јавните добра, фер минимална плата, гаранција за младите, ефикасни мерки за вработување, социјална заштита базирана на минималниот приход, заштита на децата, целосна интеграција на лицата со посебни потреби и посебна грижа за најранливите категории граѓани“, набројува Тевдовски.

Четвртиот столб, според него, треба да обезбеди две работи: мултиетнички партии кои ќе ја заменат меѓуетничката тензија во општеството со нова - помеѓу класите, како и ставање на крај на двете насоки во градењето на нацијата, македонска и албанска, и нивна замена со македонска нација како заедница на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми и други. Петтиот столб треба да ја обезбеди надворешно политичката-безбедност и економска иднина на земјава преку членството во НАТО и ЕУ.

Јазот се зголемува

Во однос на џини индексот денес Македонија може да се спореди единствено со Грузија (42,1 во 2010 година), а веќе сериозно се приближува и до латиноамериканските земји. Дополнително, неправедноста во распределбата на доходот во земјава не се намалува низ годините, туку се зголемува. Ваквите состојби со загриженост ги следат и во левичарското движење „Солидарност“. Тие се опишани во студијата „Богатството и сиромаштијата во Македонија“, која низ призмата на редистрибутивната правда ги анализира класните категории преку проучување на социјалните, работничките права, разликите во даноците и финасиите, ефектите врз индивидуалната благосостојба и постоечките фактори на промена. Еден од авторите на студијата, Здравко Савевски, посочува дека за намалување на економската нееднаквост, се неопходни промени во фискалната и буџетската политика.

„Во фискалната политика треба да се престане со политиката на намалување на даноци, во буџетската политика да се намали рестриктивноста на критериумите за примателите на социјална помош, а државата да одвојува повеќе буџетски средства за програми наменети за намалување на невработеноста и сиромаштијата. Македонија денес го држи првото место во светот според критериумот колку одредена држава малку ги оданочува газдите. Овој ранкинг е на Светскиот економски форум во Извештајот за компетитивноста во светот. По овој параметар, Македонија ги надмина и земјите од Персискиот залив кои се светски познати по малото оданочување на газдите. Збогатувањето на богатите и осиромашувањето на сиромашните, не е природен процес, туку резултат на свесно водени владини политики и на злоупотреба на моќта на газдите во однос на работниците. Не случајно, според џини индексот, Македонија е социјално најраслоено општество не на Балканот, не само во Европа, туку и во споредба со државите кои некогаш припаѓаа на поранешниот СССР“, потенцира Савевски.

За жал, во Македонија многу малку се зборува за оваа тема. Дури и оние малку дебати посветени на економските политики, се фрагментирани и далеку од големата слика. Единствените кои неодамна дебатираа на оваа тема беа Институтот за социјална демократија “Прогрес“, Фондацијата Фридрих Еберт во Скопје и Меѓународниот Центар „Олоф Палме“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...