
Москва, 1 јули 2013 (МИА) - Поранешниот консултант на американската Национална безбедносна агенција (НСА) Едвард Сноуден побара политички азил во Русија, соопшти неименуван претставник на руските имиграциски служби.
Молбата за политички азил на Сноуден биле предадена на руски дипломатски службеник од активистка на Викиликс.
Претставникот на руските имиграциски служби. на аеродромот „Шереметјево“ потврди дека Сноуден синоќа поднел барања за политички азил во Русија.
- Потврдувам дека синоќа во 22 часот и 30 минути по московско време Британката Сара Харисон, активистка на Викиликс, ни ја предаде молбата на Сноуден. Откако ги известивме властите, курир дојде и ги зеде документите, наведе претставникот на руските имиграциски служби.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека Русија нема да го екстрадира Едвард Сноуден во САД, но ако тој сака да остане во Русија ќе треба да прекине со активностите насочени кон САД.
- Сноуден не е руски агент, изјави Путин на прес-конференција во Москва.
Тој повторно увери дека руското разузнавање не работи со американскиот бегалец за кого се претпоставува дека е во транзитната зона на московскиот аеродром „Шереметјево“, осум дена откако пристигна од Хонг Конг.
– Повторно тврдам дека тој не соработува со нас. Ние не работиме со него. Ако сака да остане тука, имаме еден услов, треба да прекине со активностите кои имаат за цел да влијаат на нашите американски партнери. Колку и несоодветно да звучи тоа од мене, посочи Путин.
Тој наведе и дека Русија никогаш, никого не екстрадирала и нема да екстрадира.
- Во одредени случаи сме разменувале наши агенти и тоа под одредени услови, истакна Путин.