СДСМ да се откаже од тиранската платформа и реализацијата на елементите содржани во неа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка да формираат влада.
![](http://images.idividi.com.mk/images/vmro1.jpg)
Доколку Зоран Заев се уште смета дека елементите од тиранската платформа треба да се прифатат, тогаш за да не ги измами граѓаните, нека прифати парламентарни избори заедно со локални и нека ги вклучи елементите од платформата во својата Програма, го повторија од ВМРО-ДПМНЕ ставот за излез од кризата во земјата.
Дека тиранската платформа е штетна за државата, според ВМРО-ДПМНЕ, покажува и изјавата на Зијадин Села кој на изборен митинг потенцирал дека „во регионалните министерства тука во Струга нема да има вработени 20, 10 или ниту еден процент Албанци, туку 65 проценти и дека Македонците ќе излезат како технолошки вишок затоа што ги имаат зафатено нивните места“. Села, велат од партијата, е човекот од кого ќе зависи идното парламентарно мнозинство на СДСМ во Парламентот, а изјавата е агендата што тој ќе ја реализира доколку дојде на власт.
- Заев избира меѓу интересите на мнозинството Македонци и ваквите намери на Села, кој од позиција во Влада сите Македонци во Струга сака да ги избрка од работа и да ги прогласи за технолошки вишок. Истиот тој Зијадин Села отворено го негира и македонскиот идентитет и вели дека пред 100 години не постоеле Македонци. Истиот тој Зијадин Села јавно кажа дека не го признава македонското знаме и химна и истите планира да ги смени, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Молчењето на СДСМ и Заев во однос на ваквите и слични изјави дадени во изминатиот период и неизјаснувањето против тиранската платформа, според ВМРО-ДПМНЕ покажува дека тие се подготвени да предводат тиранска влада базирана на темели на платформа формирана во странска држава под диктат на странски премиер.
- Човекот којшто без срам ја отвори вратата за дебатирање и оспорување на македонскиот идентитет, како и федерализација на Република Македонија е аболицираниот Зоран Заев. Дебатата започна да се реализира на дело, се истакнува во соопштението во кое се додава и дека потоа следувале отвореното заговарање на федерализација од Питер Ванхауте и заканата од албанската пратеничка Месила Дода, дека доколку Заев отстапи од платформата, тогаш сите Албанци ќе се ангажираат околу остварување на сонот за Илирида.