Минимална наплата на даноците во струмичките рурални општиниСтрумица, 15 март (МИА) – Во трите рурални општини од Струмичкиот регион Босилово, Ново Село и Василево минатата година наплатата на локалните даноци и такси беше минимална, поради што градоначалниците и советите се соочија со тешкотии околу реализацијата на зацртаните инфраструктурни проекти во населените места.
Како што истакнуваат од даночните одделенија, најлоши се резултатите при наплатата на данокот од имот, кој претставува еден од најголемите извори на финансирање на локалната самоуправа. Заклучно со 31 декември минатата година, наплатата на овој данок се движи од осум до 28 проценти.
Во Даночното одделение во Василево, кое е задолжено да ја извршува наплатата во сите три општини, од регионот на Ново Село од евидентираните 2.854 даночни обврзници, наместо очекуваните 1.627.000 денари лани се наплатени само 553.000 денари или 28 отсто од вкупниот даночен долг за минатата година.
Во Општина Босилово од 2.760 обврзници, наместо планираните 1,5 милиони, се наплатени само 125.000 денари, или осум отсто од предвидените средства.
Слично е и во Општина Василево, во која наместо планираните 1.164.000 денари се наплатени 113.000 или 10 отсто. Во повеќе населени места во оваа општина подмирените долгови на име данок од имот не е поголем од два отсто.
- Овие податоци за нас се навистина поразителни. Не помогнаа ниту убедувањата на јавните собири во населените места дека без подобра наплата не ќе може да се подобри постојната инфраструктура во нивните средини. Затоа, принудени сме да примениме непопуларни мерки, односно опомени и казни за неплаќачите, бидејќи без средствата што треба да ги собереме од даночните обврзници и оваа година не ќе можеме да ги реализираме планираните инфраструктурни објекти, како што се асфалтирањето на улици и патишта, озеленување на јавните површини и слично, изјави за МИА Славе Христов, градоначалник на Општина Василево.
|