Скопје, 8 декември (МИА) - По повод патрониот празник Свети Климент Охридски и 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква денеска пред Соборниот храм во Скопје што го носи името на светецот е откриен и осветен споменик на архиепископот Доситеј, прв поглавар на МПЦ.
- Овие двајца архиепископи, Свети Климент и блаженоупокоениот Доситеј се личности за радост во МПЦ. Свети Климент е основоположникот на Охридската архиепископија, а блаженоупокоениот Доситеј е нејзин возобновител во МПЦ. За оние кои недоволно го познаваат ликот и делото на првиот поглавар на МПЦ и особено идните наши генерации овој споменик ќе им биде како отворена книга и постојана проповед за тоа кој бил архиепископот Доситеј и какво место му припаѓа во поновата историја на македонскиот народ, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
За Доситеј, истакна г.г. Стефан, е речено дека е „втор Свети Климент“ и „Мојсеј на нашето време“ за македонскиот народ и Црква.
- Нека му е вечен споменот на првиот поглавар на Македонската православна црква и дај Боже достојно да продолжиме по неговиот и Светиклиментов пат. Амин, рече г.г. Стефан.
На осветувањето на споменикот, меѓу остантите присуствуваа и вицепремиерот Зоран Ставрески, членови на Владата и претставници на локалните власти и научно-образовните институции.
Архиепископот Доситеј е роден во Мариово во 1906 година, се замонашил спроти Благовештение во 1924 во манастирот „Света Пречиста“, Кичевско, завршил богословија во Битола во 1937 година и Богословски факултет во Белград 1942 година. Од 1946 година бил поставен за управник на Патријаршискиот двор во Сремски Карловци, а во мај 1951 година бил избран за епископ и на 22 јуни хиротонисан за викарен епископ на српскиот патријарх. Во октомври 1958 година на Црковно-народниот собор во Охрид бил избран за поглавар и возобновител на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква. Оттогаш па се до упокојувањето во мај 1981 година Доситеј раководел со Македонската православна црква. Под негово раководство се оформил Светиот архиерејски Синод, се организирала Црквата, се зголемиле епархиите и се отвориле Богославијата и Богословскиот факултет.
Споменикот на архиепископот Доситеј го изработи скулпторот академик Томе Серафимовски. Изработката на споменикот ја донираше градоначалникот на Скопје Трифун Костовски.
Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје изутрината во рамките на одбележувањето на патронот на Црквата се одржа света архиерејска литургија со која што чиноначалствуваше архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на архиереите на Светиот архиерејски Синод на МПЦ.
По повод патрониот празник Свети Климент Охридски синоќа во Соборниот храм беше отслужена богослужба во чест на 101-годишнина од раѓањето на архиепископот Доситеј.