Ќе се потпишуваат колективни договори меѓу прилепските фирми и регионалниот синдикатПрилеп, 23 април (МИА) - Прилепскиот регионален синдикат почна со интензивирање на процесот на потпишување колективни договори посебно со прилепските фирми. Целта е целосна и законска заштита на правата на вработените во секоја фирма одделно.
- Иако постои општ колективен договор на ниво на стопанството во Македонија, процесот со потпишување одделни колективни договори на ниво со работодавец во фирмите оди бавно, признава Тони Јовески, претседател на прилепскиот синдикат.
За неколку месеци потпишани се колективни договори на ниво на ЈП „Водовод и канализација“, со ЈП „Комуналец“, а деновиве треба да се потпише и колективен договор во прилепската печатница „11 Октомври“.
- Ова го сметаме за голем успех. На овој начин работодавците се обврзуваат за одредени права и обврски кои ги имаат работниците, а тие пак се обврзуваат да ги почитуваат тие права, но и да си ги бараат. Но, јасно е дека процесот е бавен иако со ова Прилеп е меѓу првите во државава, објасни Јовески.
Еден од проблемите е тоа што некаде не е потпишан грански колективен договор. На пример во земјоделството нема, но затоа го има гранскиот колективен договор во тутунската индустрија. Сепак одредувањето најниска плата останува основен услов за успешен колективен договор. За текстилната индустрија е утврдена и изнесува 4.500 денари, но во одредени гранки нема. Синдикатот сепак смета дека добро е барем да се потпише колективен договор иако не е утврдена најниската плата.
|