Пуштен во употреба туристички центар во село Јастребник, кочанскоКочани, 2 октомври (МИА) - Центар за валоризација на културното наследство е пуштен во употреба во селото Јастребник, кочанско. Центарот е сместен во старата училишна зграда која е преадаптирана за оваа намена.
Проектот е содржан и во мастер планот за развој на туризмот во општина Кочани и е реализиран со средства на Владата на Република Италија и градот, а имплементиран преку агенцијата ИМГ.
Проектот чини 33.000 евра и се реализираше во период од 10 месеци. Основната идеја е да се создаде пункт во кој ќе бидат претставени сегменти од материјалното и културно наследство од Осоговскиот крај.
Центарот е создаден со реконструкција и адаптација на поранешната училишна зграда во село Јастребник, оддалечено 12 километри од Кочани, каде што во неколку простории се изложени традиционални предмети со културна вредност и примероци од растителниот и животинскиот свет од Осоговијата.
Покрај ова, Центарот ќе има уште две функции - да биде појдовно место на посетителите и туристите кои ќе пешачат по веќе трасираната планинарска патека што води кон Пониква и во исто време да биде појдовна точка за развој на селскиот туризам во овој крај.
Објектот го предадоа во употреба Роберто Ризо, прв секретар во Италијанската амбасада во Скопје и Љубомир Јанев, градоначалник на општина Кочани.
|