СПМ: Со вчерашното признание на Грција пропадна политиката на домашната опозицијаСкопје, 20 февруари (МИА) - Социјалистичката партија на Македонија не е изненадена од јавното признавање на Грција за планирано блокирање на интеграцијата на Република Македонија во евроатланските структури.
- Со тоа пропадна и јаловата политика на домашната опозиција, на одредени политичари и на јавни личности и нивните заблуди, внесувајќи раздор во македонското национално ткиво, дека е можно изнаоѓање на трул компромис со Грција, а на штета на македонските национални интереси, изјави портпаролот на партијата Малиша Станковиќ на денешната прес-конференција.
Тој праша како сега претседателскиот кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчковски и неговото опкружување ќе ги оправда неговите изјави за лошата преговарачка позиција на Македонија, коментарите за непродуктивен преговарачки пристап на државата и изјавите за испуштената шанса во Букурешт за влез на Македонија во НАТО.
- Во сегашната ситуација на вистина целата политичка и невладина групација, сконцентирана околу СДСМ, потребно е јавно да и се извини на македонската јавност за штетата што ја направија и за погрешната политика што ја водеа, истакна Станковиќ.
СПМ ги повикува сите граѓански и невладини здруженија да ја насочат својата енергија кон широка меѓународна афирмација на Македонија и македонската нација.
|