Шест години од загинувањето на Борис Трајковски

Скопје, 26 февруари (МИА) - Денеска се навршуваат шест години од авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осуммина негови соработници и членови на екипажот.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа процедурата и дека врши полна процедура при слетувањето.

Министерството за внатрешни работи побара од Јавното обвинителство да се отвори повторно истрага за несреќата што беше одбиено со образложение дека одлуката е донесена врз основа на грижлива, совесна и сеопфатна анализа на комплетниот прибавен доказен материјал непосредно по падот на авионот и оти нема нови докази за повторување на истрагата.

Сепак, за МВР случајот не е затворен се додека постои и најмал сомнеж во однос на причините за несреќата.

- Се додека не биде расчистена и последната нејаснотија и додека не биде отфрлен и последниот сомнеж, авионската несреќа во која што претседателот Трајковски трагично го загуби својот живот, ќе биде случај кој ќе остане отворен за МВР, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за МИА.

Од страна на Владата веќе е формирана Мешовита комисија во која партиципира и МВР и која треба да преземе координирани мерки во однос на прибавување нови факти и докази кои би помогнале во целосно расветлување на случајот и евентуално фрлање на нова светлина врз досега добиените сознанија.

- Стручни лица од МВР активно партиципираат во работењето на Комисијата и секој нов доказ, информација или сознание до кое што ќе дојдеме веднаш навремено ќе биде доставено до Јавното обвинителство кое треба да оцени дали има основа за ново отворање на случајот, потенцира Јанкулоска.

Повторно покренување истрага побара и швајцарскиот европратеник Андреас Грос, личен пријател на трагично загинатиот претседател. Токму по негова сугестија, а со цел да се утврдат околностите под кои загина Трајковски, во октомври лани беше формирана и собраниска Анкетна комисија во која членуваат пратеници од најголемите парламентарни партии.

Комисијата на 11 јануари го усвои Извештајот изготвен врз основа на наодите изнесени од страна на стручни лица во врска со авионската несреќа кај Мостар на 26 февруари 2004 година.

Извештајот доставен до Собранието на Република Македонија, како што соопшти претседателот на Комисијата Оливер Шамбевски, бил усвоен со консензус од страна на членовите на Комисијата, која заседаваше зад затворени врати.

Во заклучоците на Извештајот, Комисијата ги охрабрува надлежните органи и институции да продолжат со започнатата истрага до целосно испитување на сите околности за загинувањето на претседателот Трајковски.

Комисијата изразува поддршка за напорите на Андреас Грос, пратеник во Парламентот на Швајцарската Конфедерација и во Парламентарното собрание на Советот на Европа во неговиот досегашен и натамошен ангажман околу истрагата. За таа цел, како што се наведува во заклучоците, Анкетната комисија смета дека Бирото на Парламентарното собрание на Советот на Европа би требало да ја разгледа можноста за проширување и продолжување и мандатот на Андреас Грос за подготвување на дополнителен извештај во врска со наводната сомнителна смрт на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, а кој би се однесувал на властите, односно на делот од истрагата која се водела во БиХ, како и на силите на КФОР.

Најкрупни прашања, според Анкетната комисија, кои треба дополнително да се испитаат се нелогичностите околу пронаоѓањето на остатоците од авионот 26 часа по несреќата. Потоа, како што се наведува, треба особено да се испитаат тврдењата дека припадниците на босанската полиција и спасувачките екипи биле спречени од претставници на КФОР да пристапат до местото на несреќата, неможноста да се испитаат припадниците на КФОР кои биле во контролната кула кога паднал авионот, недостатокот на 18 секунди од разговорот снимен од т.н. црна кутија, нелогичностите околу степенот на изгореноста на телата, но во истовреме недопреноста на лесно запаливи делови од облека, патни исправи, пластични предмети, трупот на авионот, брзината со која е завршена истрагата во Босна и слично.

Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

На местото на несреќата една година по паѓањето на авионот беше откриено спомен обележје.

По повод шестгодишнината од смртта на Трајковски планинарите од неговата родна Струмица по традиција организираат два планинарски марша.

Првиот, во кој се вклучени планинарски друштва од Струмица, Кавадарци, Неготино и од Радовиш, ќе трае пет дена, односно до 26 овој месец, кога на неговото вечно почивалиште во Бутел ќе биде одржана комеморација на која планинарите ќе му одадат почит на трагично загинатиот претседател.

Вториот марш е меѓународен и се одржува по врвиците на планината Беласица. На највисокиот врв од македонска страна – Тумба, ќе се сретнат планинарите од Струмица и од Петрич, Република Бугарија, во знак на сеќавање и пиетет кон ликот и делото на  претседателот Трајковски.

На гробот на претседателот Борис Трајковски во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“, денеска напладне цвеќе ќе положат членови на неговото семејство, актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски.

По повод шестгодишнината од загинувањето, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ ќе организира повеќе настани што ќе се одржат на денеска и утре.

Во хотелот „Холидеј Ин“ попладне во 16 часот, ќе биде одржан Меѓународен лидерски форум на тема „Соочување со предизвиците - вредноста на комуникацијата“.

На овој Меѓународен форум ќе присуствуваат високи претставници од Македонија, од Косово, Албанија, Германија, Норвешка, Белгија и исто така со свое заедничко излагање на наведената тема ќе имаат раководителите на канцелариите во Македонија на Меѓународниот Републикански институт ИРИ, Националниот демократски институт НДИ и Конрад Аденауер фондација. Вечер од 19 часот и 30 минути до 22 часот во хотелот „Холидеј Ин“ ќе се одржи и „Вечера на молитва и заедништво“.

В сабота во меѓународните училишта НОВА продолжува младинскиот лидерски форум на истата погоре наведена тема.

Во рамките на овие меѓународни настани во Домот на АРМ со почеток во 20 часот ќе се одржи музички хепенинг - хуманитарен концерт насловен „Раце кои зборуваат“, на кој за првпат во Македонија на еден уникатен визуелен начин музиката ќе се интерпретира за лицата со оштетен слух. На концертот ќе настапат: Влатко Стефановски, Арвид Петерсен од Норвешка со својот бенд, Олег и Ана Кондратенко, Арбен Шакири - БЕНИ  и Минди Браун од САД - визуелен музички уметник.

Борис Трајковски (1956-2004)

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи. 

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно - политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Решиле Мујо и Хасо да бегаат преку граница. Заклале една крава, ја одрале
и влегле во нејзината кожа - Мујо напред, а Хасо пазади. На граничарите им била сомнителпа кравата и...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1821.- На островот Света Елена умре Наполеон...
1883.- Во Чуруг, Бачка, роден е Петар Коњовиќ,...
1907.- Во Охрид е роден Петре Пирузе - Мајски,...
1936.- Трупите на фашистичка Италија под команда...