Почина Делчо Михајлов, доајен на карикатурата во МакедонијаСкопје, 16 јули 2010 (МИА) - На 63 години по тешко боледување денеска во Скопје почина Делчо Михајлов, доајен на македонската карикатура, на анимираниот филм, илустрации и голем афирматор на македонската култура во светот.
Михајлов е роден во Скопје во 1947 година каде и дипломира на Архитектонскиот факултет во 1974 година. Својата прва карикатура, како еден од најспецифичните уметнички жанрови, ја објавил на 14 години, а од 1963-та почнал редовно да објавува карикатури во земјата и во странство. Учествувал на бројни конкурси, изложби и фестивали низ светот и е добитник на бројни награди. Учествувал на над 220 групни изложби, а имал и околу десетина самостојни изложби. Изложувал во Париз, Монтреал, Токио, Рим, Рио де Жанеиро, Франкфурт, Техеран, Брисел...
Автор е и на повеќе книги карикатури. Во 1977 година го создал својот прв анимиран филм како комплетен автор, а по него следуваа уште шест цртани филмови за продуцентот „Вардар филм" кои се прикажани во официјална конкуренција на многу фестивали. Од 1995 до 2000 година Михајлов беше директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки" во Битола.
Добитник е и на највисокото државно признание „11 Октомври" за 30 години творештво во областа на карикатурата и на наградата „13 Ноември" на Град Скопје и на „Феникс" на општина Центар.
Изложбата на карикатури „Хани-бал-кан портас“, која во ноември минатата година беше отворена во Брисел, беше една од неговите последни иницијативи да се прикаже размислувањето на уметниците за влез во две значајни институции ЕУ и НАТО.
|