Претседателот Иванов во официјална посета на Србија

Белград, 20 октомври 2010 (МИА) - Претседателот Ѓорге Иванов од денеска престојува во дводневна официјална посета на Република Србија на покана од српскиот претседател Борис Тадиќ.

Двајцата претседатели се очекува да разговараат за билатералните односи, за унапредување на економската соработка, како и за евроинтеграцијата на регионот.

Освен со својот српски колега, шефот на македонската држава ќе има средби и со српскиот премиер Мирко Цветковиќ и со претседателот на Народното собрание на Србија Славица Ѓукиќ - Дејановиќ.

За утре е предвидена средба на Иванов со претставници на македонското национално малцинство во Србија, како и посета на претставништвото на македонската фирма „Алкалоид“ и на Факултетот за политички науки во Белград.

Српските медиуми во пресрет на посетата на Иванов пишуваат дека таа ќе биде добра можност за дополнително унапредување на добрите билатерални односи и на соработката во регионалните и меѓународните организации. Посочуваат на оценката на Тадиќ и Иванов од последната заедничка средба во јули дека политичките односи меѓу двете земји се добри и оти забрзаната евроитеграција на државите во регионот е предуслов за мир и стабилност.

Агенцијата Танјуг во освртот за релациите Белград - Скопје, наведува дека билатералните односите беа означувани како „одлични“ се до одлуката на Македонија да го признае Косово во октомври 2008 година. Како одговор на овој чекор Белград го прогласи македонскиот амбасадор за персона нон грата. Беа потребни шест месеци за повторно да се воспостават регуларни дипломатски односи кога за нов амбасадор беше назначен Љубиша Георгиевски. Веднаш потоа зачестија интензивните контакти на највисоко ниво, кои почнаа со присуството на српскиот претседател Борис Тадиќ на инаугурацијата на шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.

Билатералните контакти дополнително се интензивираа годинава со неформалниот состанок на Иванов и Тадиќ во јули, со посетата на претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски на Белград во март и возвратната посета на неговата српска колешка Славица Ѓукиќ Дејановиќ на Скопје во јули, како и со зачестените контакти на министрите за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Ивица Дачиќ. На сите средби беше истакнато дека билатералните односи се добри и покрај несогласувањето по одредени прашања и оти заедничка цел и на Белград и на Скопје е членството во ЕУ.

Меѓу двете држави, потсетуваат српските медиуми, сепак, постојат и спорни прашања. Едно од нив е демаркацијата на границата на Македонија со Косово која според официјален Белград не е во согласност со Спогодбата за демаркација што во 2001 година ја потпишаа тогашните претседатели на Македонија и на СР Југославија, Борис Трајковски и Војислав Коштуница. Второто спорно прашање е непризнавањето на Македонската православна црква од страна на Српската православна црква. Ова прашање дополнително беше искомплицирано со одлуката на СПЦ да го назначи за српски егзарх во Македонија Јован Вранишковски, кого МПЦ го смета за расколник. Новиот поглавар на СПЦ Иринеј обновувањето на црковниот дијалог на релација Белград - Скопје го услови со промена на односот на македонските црковни власти кон Вранишковски. Во МПЦ, пак, очекуваат новиот српски патријарх Иринеј да го преземе следниот чекор во правец на решавање на меѓуцрковниот спор. Властите во Белград и во Скопје јавно се дистанцираат од вклучување во проблемот, со образложение дека државите имајќи го предвид нивниот секуларен карактер, не можат да се мешаат во црковни прашања и оти несогласувањата треба да се решат со дијалог меѓу СПЦ и МПЦ.

На економски план Србија е втор надворешно-трговски партнер на Македонија. Економската соработка се оценува како задоволителна иако Македонија бележи дефицит во трговската размена. Во првите осум месеци од годинава македонскиот извоз во Србија достигнал 158 милиони долари, а увозот 256 милиони долари. Српските инвестиции во Македонија во изминатите неколку години се проценуваат на околу 40 милиони долари, а македонските во Србија на околу 600.000 долари.

Како значаен чекор за унапредување на билатералните релации се истакнува и начелната согласност во блиска иднина граѓаните на Македонија и на Србија да ја минуваат државната граница само со лична карта.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...