
Скопје, 28 декември 2010 (МИА) - Во Скопје пристигна првиот од вкупно 84-те автобуси што ги изработува украинскиот производител ЛАЗ „Лавовски Автобусни Заводи“ - Лавов, за потребите на јавниот превоз во македонскиот главен град.
Автобусот, како што информира ЈСП Скопје, е однесен на хомологација на Машинскиот факултет.
Според договорот за набавка на автобусите вредни 11 милиони евра, ЛАЗ имаше обврска до Нова година да испорача 15 автобуси, а до крајот на 2011. преостанатите 69. Четири автобуси ќе бидат дупли, а другите единечни.
Договорот, исто така, предвидува украинскиот производител за секој ден задоцнување од предвидената динамика на испорака да плати пенали во висина од 0,1% од вредноста на автобусите. Покрај испитувањето на првиот автобус на Машинскиот факултет во Скопје, Украинците дополнително ќе треба да приложат и документи за извршена хомологација на автобусите во Германија.