Во 2001 имаше одлично планирана и врвно организирана војна

Скопје, 4 март 2011 (МИА) - Во 2001 година на Македонија и се случи одлично планирана и врвно организирана војна, предвидена да не прерасне во Балканска војна, во која од првиот момент постоеше конфузија за тоа дали е надлежна полицијата или АРМ, се преземаа активности во интерес на поединци од тогашните политички елити, а премногу важни материи беа водени од лаици советници. Лекциите и по 10 години не се научени, се уште не е смирена тензијата меѓу Македонците и Албанците, додека Охридскиот рамковен договор е преширок за Македонците, а претесен за Албанците.

Ова се главните тези искажани од учесниците на научно-стручната дебата насловена „Македонија 2001-2011, Научени лекции и премолчени вистини“ што се одржа денеска во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Форумот за безбедност и Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија.

Заедничка беше констатацијата дека на Македонија и е потребен ефикасен систем за превенција, повисоко ниво на политичка култура и заедничка визија за иднината на земјата.

Љубчо Георгиевски, поранешен премиер, оцени дека во 2001 година на Македонија и се случи класична војна за територија, за делови од Република Македонија.

- Едната страна беше Македонија, а втората страна Косово, како протекторат на ОН во тоа време, но не и Албанија која многу воздржано се однесуваше во таа ситуација, рече тој. Кога се поставува прашањето дали Македонија беше доволно информирана, според Георгиевски, не треба да се амнестираат и потребно е да се даде одговор зошто тогаш не се добиени благовремени информации од силите на ОН, на ЕУ, на НАТО и ОБСЕ кои беа на македонско-косовската граница и на територијата на Косово. Георгиевски призна дека цело време се водела дискусија кој треба да интервенира дали војската или полицијата, за што и неуставно била употребена Армијата, а тоа било причината и тој да побара прогласување воена состојба и согласно Уставот да може да биде употребена и АРМ.

Јанко Бачев тврди дека тајните служби на Македонија уште во 2000-та година имале точни информации  за бројот и местоположбата на терористичките формации. За него, поразителни биле ситуациите кога во тој момент се извршила, како што рече, „кадровска диверзија со реформи на тајните служби“, а од премиерот се криеле информации. Обвини и за некомпетентни советници на претседателот на државата и тотално промашување на македонската надворешна политика.

Во реплика на Бачев, Георгиевски меѓу другото нагласи дека меѓународната заедница никогаш на Македонија не и дала дозвола да ги решава проблемите со сопствени средства.

- Секогаш имаше конкретен притисок. Ниту една операција на воените и полициските сили не беше поддржана од меѓународната заедница. Напротив, тој притисок и телефонските јавувања беа постојани. На полициската структура тој притисок го правеа дипломати, а за армиските генерали имаше друга структура. Сите акции беа преземени на сопствена одговорност и после многу задршки, тврди тогашниот премиер Георгиевски.

По излагањето на Бачев, со остра реплика се одзва и Абедин Зумбери, поранешен командант на ОНА и актуелен пратеник, кој беше единствениот кој се појави на форумот од поканетите поранешни функционери и учесници на ОНА.

- Со какви било војни не можете да ги победите Албанците. Да продолжеше војната, не знам дали сега ќе постоеше Македонија. Ако јас сум бил терорист ти досега немаше да постоиш, му се обрати Зумбери на Бачев. Бачев му одговори дека имале среќа што во тој период на чело на државата бил политичар како претседателот Борис Трајковски, во спротивно нивната група од, посочи, помалку од 700 члена би била решена за многу кратко време. По бурната расправа и довикување, што ги вознемири сите присутни, модераторот за да ја смири тензијата даде пауза.

Претходно Зумбери, во обраќањето истакна дека 2001 година треба да биде поука за сите граѓани на Република Македонија. За него, и по 10 години се чувствуваат последиците, но еднаш засекогаш треба да се донесе решение и да живееме заеднички. - Јас никогаш не сум се борел против македонскиот народ. Тогаш се кренавме против тогашната власт која не му даде права на албанскиот народ, рече тој.

Стојанче Ангелов, претседател на „Достоинство“ и учесник во 2001 година од безбедносните сили меѓу другото му порача на Зумбери, да му пренесе на неговиот лидер Имер Селмани да престане со популистички национализам затоа што тоа не е добро за државата.

И за Горан Митевски, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Јавната безбедност, во 2001 година имало воена агресија од Косово. Оваа негова теза тој ја образложи со тоа што имале информации дека 16 лица од Косовскиот заштитен корпус учествуваат во планирање активности во Македонија.

- Според статистиките на МВР тогаш, процентот на припадници на КЗК на самиот почеток во Македонија беше 90 проценти, за на крајот по потпишувањето на Рамковниот договор да биде 40 проценти војници од Косово и 40 отсто Албанци од Македонија, рече Митевски, додавајќи оти за целиот период на кризата се случувала мобилизација најчесто присилна на Албанци во Македонија. Контингентот на НАТО во пограничниот дел на Косово во близина на Дебалде, тврди тој, не само што не ги спречувал припадниците на КЗК, туку им дал и одредена логистика слободно да се шетаат и да влегуваат на територија на Македонија.

Според Илија Николовски, генерал-мајор во пензија, во 2001 година се почна како борба за територија,  но бидејќи изостана поддршката од меѓународната заедница, потенцира, по Призренската декларација, барањата се дефинираа како барања за човекови права.

Генералот во пензија Тодор Атанасовски настаните од 2001 година ги дефинира како оружен внатрешен конфликт со најнизок интензитет, во текот на кој сите соседни претенденти дисциплинирано стоеја на границите благодарение на меѓународниот фактор, иако, нагласи, имаа свои стратегии на истурена одбрана. Тој смета дека во учеството на политичарите во научната расправа може само да има лимитирачки фактор.

Амбасадорот Виктор Габер говореше за недоволното ангажирање, неефикасната дипломатија, и, како што рече, неефикасноста на медиумите.

За професорката Билјана Ванковска, по 2001 година научивме да бидеме политички коректни односно лицемерни. Таа потенцира дека нема помирување без соочување, треба да се извадат на површина сите вистини кои ќе не вознемират. - Македонија е федерација, но нема кој тоа да и го каже гласно, смета Ванковска.

Според Иван Бабановски, поранешен припадник на безбедносните сили, најголеми губитници во 2001 година беа Македонците и Албанците. Тој констатира дека е „перверзија од меѓународната заедница“ перманентно да стои зад измислениот декор, како што рече, за заштита на човекови права, иако тогаш, имаше уфрлено лица во Македонија за организирана агресија од друга држава.

На попладневната сесија, се очекува да дискутираат и Ризван Сулејмани, Мерсел Биљали, како и  Зоран Јовановски полицискиот генерал учесник во 2001 година.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Насуфи го унапредуваат во чувар на затвор.
- Г-не Насуфи, имате за задача меѓу затворениците да воспоставите ред и дисциплина!
- Нема проблем, кој нема да слуша, веднаш ќе го ...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на физичката активност
1497.- Италијанскиот морепловец Америго Веспучи...
1774.- Умре Луј IV, крал на Франција. Роден е на...
1876.- Во Врхника е роден Иван Цанкар,...