Лидерската средба заврши без договор

Скопје, 22 март 2011 (МИА) - Средбата на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети и на Нова демократија Имер Селмани, кај претседателот Ѓорге Иванов заврши по неполн час без договор за отворените прашања во врска со одржувањето на предвремените парламентарни избори.

Груевски изјави дека Црвенковски дошол на средбата со намера да нема договор и да нема избори, но оти ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со зацртаната цел, односно дека ќе оди на предвремени парламентарни избори.

- Тие дојдоа и кажаа дека немаат намера да попушат за тие барања иако ние претходно прифативме дополнителни работи од оние 40 што претходно ги имавме прифатено. Прифативме дополнителни работи за кои и сами претходно кажавме дека не се добри, односно имаме сериозни аргументи против тие работи и прифативме условно само доколку СДСМ се согласи да се врати во Собранието и да одиме на избори, рече Груевски.

Меѓутоа, додаде Груевски, денеска тие дојдоа со намера и очигледно таа намера беше и претходно да не се дојде до договор и да нема предвремени избори.

- Направивме максимум и совеста ни е чиста и ќе продолжиме понатаму со зацртана цел. Совеста ни е чиста затоа што вложивме колку што можеше да вложиме, прифативме дури и нерационални и нелогични барања, на крај не доведоа до ситуација да размислуваме, ние не размислувавме, но побараа да размислуваме и да прифаќаме работи кои се нелогични и незаконски во смисла да се мешаме во работата на судството да вршиме притисок итн. Тоа е границата позади која не може да одиме, па макар СДСМ и Бранко Црвенковски оделе или не оделе на избори, истакна премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ.

За тоа дали изборите ќе имаат легитимитет без опозиција, Груевски рече дека изборите се широко отворена арена за секоја политичка партија и секој поединец да излезе и да ја побара довербата на граѓаните.

- Тој што не сака да излезе и што сам ќе одлучи да не излезе на избори тоа е негов проблем. Никој не може да поставува незаконски и нелогични барања за да излезе на избори. Кредибилитетот го даваат граѓаните на тие што ќе излезат на избори и ќе ја побараат нивната доверба. Ние ќе излеземе на избори и ќе ја побараме нивната доверба, рече Груевски, додавајќи дека точниот датум ќе биде многу бргу соопштен.

Лидерот на СДСМ, Црвенковски, пак, го обвини Груевски дека дошол на средбата со намера таа да не успее. Според него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сака избори без опозиција.

- Имам впечаток кој што е се посилен дека не е точно она што овие денови го слушаме од него, дека СДСМ посакува бојкот на изборите, туку дека Груевски сака избори без опозиција и дека тој е тој што ја турка целата опозиција, не само СДСМ да не учествува на овие избори, рече Црвенковски.

Тој посочи дека СДСМ го продолжува бојкотот на Собранието, а нема да учествува и на изборите ако не бидат прифатени нивните барања. Одговорноста за тоа, како што додаде, ќе биде на владејачките партии.

- Ние остануваме подготвени за разговори и во наредниот период меѓутоа ако има иницијатива од страна на власта. Нашата одлука останува бојкот на Собранието и бојкот на изборите ако не се исполнат условите, тоа да бидат фер и демократски избори, посочи Црвенковски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека тие се обиделе и направиле се за опозицијата да се вклучи во процесите кои претстојат.

- Се обидовме и презедовме се опозицијата да стане дел од изнаоѓање решение за проблемите кои претстојат пред нас. Меѓутоа, за жал до тоа не дојдовме, затоа што барањата на опозцијата се до таа мерка нелогични што и не можат да се прифатат. ДУИ и јас лично направивме се. Вложивме напори да дојде и до вечерашнава средба за да ги надминеме сите несогласувања, меѓутоа за жал до тоа не дојде. Што се однесува до изборните единици таму каде што имаме проблем законски ние ќе преземеме се и ќе го регулираме тоа согласно законот за отстапување плус минус пет отсто, истакна Ахмети.

Уште еднаш апелирам до сите опозициски политички партии, рече Ахмети, да се премислат и кога ќе решат да се вратат во процесот ќе бидат добредојдени, но без услови.

- Не сакам да ја потценам улогата и влијанието на опозициските партии, но морам да нагласам дека Македонија не е во политичка криза затоа што сите институции функционираат согласно Уставот и законот. Меѓутоа, ние имавме јасно барање од страна на опозициските партии да одиме на предвремени парламентарни избори и партиите на власт т.е. мнозинството тоа барање го прифати. Мислам дека со услови за услови не им се помага на процесите, потенцира Ахмети одговарајќи на новинарско прашање.

Лидерот на Нова демократија Имер Селмани смета дека владејачките партии отишле на средбата да ги запрат преговорите и како што рече, да го девалвираат и она што се договориле на средбата пред два дена. Селмани најави дека утре ќе поднесат претставка до Уставниот суд за уставноста на Изборниот закон во однос на изборните единици.

Тој подвлече дека на Македонија и треба меѓународно посредување од страна на САД и ЕУ.

Во врска со тоа, Груевски одговарајќи на новинарско прашање рече дека такво укажување од страна на Селмани немало на средбата.

За тоа дали ќе излезат на претстојните предвремени избори, Селмани рече дека партискиот став дополнително ќе биде изграден. 

Претседателот Иванов истакна дека ова бил негов четврти обид да помогне во нормализација на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата.

- Моите иницијативи се водеа исклучиво од националните интереси и имаат свои лимити.  Според мене, овој процес мора да продолжи во Собранието. За жал се потврди дека во моментов не сите политички лидери во земјава имаат исто разбирање за државните интереси и приоритети. Покрај напорите за компромис некои од учесниците не успеаа да излезат од тесно партиските агенди и дневно политички проекции. Она од што сум особено разочаран е фактот што клучното барање поради кое не се постигна согласност, навлегува во ингеренциите на судската власт, рече Иванов.

На средбата, посочи тој, апелирав сите партии да направат компромис со своите партиски позиции и во интерес на евроатлантските интеграции и другите отворени прашања, да дојдеме до брзо решение за ситуацијата со која се соочуваме.

- Очигледно е дека дел од партиите немаат капацитет во име на интересите на сите граѓани да се откажат од своите практики. Ако веќе имаше подготвеност за предвремени избори за очекување беше дека таа подготвеност постои и сега, особено што се постигна согласност за поголем број технички предуслови за демократски и фер избори, потенцира Иванов.

За жал, истакна Иванов, имам горко чувство дека се доведуваат во прашање интересите на граѓаните за брз економски и демократски развој на Македонија, истакна Иванов.

- Тие што го прават тоа имаат одговорност пред своите избирачи пред целата македонска јавност, но и пред историјата. Мора да се направи разлика меѓу партиско политичка битка и она што значи иднина за сите нас. Покрај се, се надевам дека сите политички партии ќе најдат начин да учествуваат на предвремените избори кои навистина се излез од оваа актуелна ситуација што ја имаме во Македонија, додаде претседателот Иванов.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Во лудница оди комисија да ги провери лудаците кој како се понаша и одат од еден до друг, некој се замислува дека е авион, друг скока во празен базен и така натаму. Доаѓаат до...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1856.- Во Фрајберг е роден Сигмунд Фројд,...
1889.- Во Париз официјално е отворена Ајфеловата...
1992.- Во Париз умре Марлен Дитрих (вистинското...
1993.- Умре Велко Силјаноски, редовен професор...