Скопје го одбележува Денот на ослободувањето - 13 Ноември

Скопје, 13 ноември 2011 (МИА) - Денот на ослободувањето на Град Скопје - 13 ноември се одбележува со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации.

По тој повод во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски им ги врачи признанијата на добитниците на Наградата „13 Ноември на Град Скопје“ за 2011 година.

- Денеска ја одбележуваме 67-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичката окупација, голем празник, не само за Скопје, туку и за Република Македонија. Ги славиме не само годините на живот во мир и слобода, туку на достоен начин ги одбележуваме пресвртните моменти во историјата на нашиот град и на нашата татковина, кога македонскиот народ заедно со сите родољубиви граѓани на Македонија, низ Народноослободителната борба, се определи на вистинската страна – големата антифашистичка коалиција меѓу мирољубивите народи во светот, истакна градоначалникот Трајановски.

Притоа тој потенцира дека е наша должност да ги поттикнуваме и да им го вреднуваме несебичниот труд на сите оние наши сограѓани кои, со својата работа и достигнувања, вложувале и вложуваат во развојот на Скопје, како град во кој се негува духот на традицијата, солидарноста и мултикултурниот соживот.

- Токму традиционалната годишна награда „13 Ноември на Град Скопје“, за особени достигнувања и остварувања во сите сегменти на животот, е знак на признание на Градот Скопје на сите оние што со својот труд и достигнувања придонеле за неговиот развој, но и за севкупниот напредок и афирмација на Република Македонија, во и надвор од нејзините граници, додаде Трајановски.

Од областа на науката годинава наградата 13 Ноември му припадна на д-р Никита Шекутковски, проф. д-р Љубинка Басотова е добитник на наградата во категоријата образование и воспитување, Бојку Фејзи и Димитар Масевски во областа на уметноста, Борис Поп Ѓорчев во публицистиката, Бошко Заборски во категоријата спорт, Александар Јаневски - за хуманитарна активност, Мичо Поповски во стопанството. Кај правните лица наградата ја доби Здружението „Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-Свест“, а пак Иван Антоновски, Таско Смилески и Александар Степановски се годинашните ученици и студенти, добитници на 13. Ноемвриската награда.

Во рамки на прославата, дел од ансамблот на Македонската опера и балет, на музика од операта „Кармина Бурана“ од Карл Орф, изведе сценски перформанс што ја симболизираше борбата на слободата, на видео бим беа прикажувани фотографии од старо Скопје од периодот на Втората светска војна и од развојот на денешното современо Скопје, а Химната ја изведе Женскиот младински хор при МКЦ, под диригенство на Сашо Татарчевски.

На прославата, со неколку оперски композиции, настапи и оперската певица Дешира Амети, во пијано придружба на Марија Силјановска, Женскиот младински хор при МКЦ изведе неколку композииции, обработки од македонскиот фолклор, а во фоајето на Киното Фросина беа изложени делата од последната ликовна колонија „Скопје 2011“.

Во рамки на одбележувањето на 13. Ноември, утрово градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски се сретна со дваесетина претставници на борците кои во 1944 година учествувале во акцијата за ослободување на градот.

На средбата, градоначалникот Трајановски изрази почит и благодарност за нивниот придонес за ослободување на Скопје.

- Навистина ми е задоволство што традиционално, секоја година, се среќавам со вас. Ние сме во постојан контакт и сметам дека нашата соработка е континуирано добра. Секоја година на празникот на нашиот град се среќаваме и евоцираме спомени, но историјата и сегашноста треба да градат темели за иднината, затоа ние како ваши наследници треба да правиме дела што ќе остават белег за идните генерации, како што вие ни оставивте нам аманет да го градиме и развиваме ова наше денешно Скопје. Нека ни е честит празникот 13 Ноември-Денот на ослободување на Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Борците ослободители на Скопје и Трајановски истакнаа дека ваквите средби се можност да се евоцираат спомени, но и да се договорат конкретни чекори за зачувување на тие спомени.

- Би сакал од името на Градскиот одбор на Сојузот на борците на град Скопје да му се заблагодарам на градоначалникот Трајановски, но и на оваа администрација за добрата и успешна соработка. Трајановски има право кога вели дека треба да се сеќаваме на минатото, но секако треба да се свртиме и кон иднината. Во тој контекст ќе речам дека најголемиот дел преживеани борци од антифашистичката борба во 1944 година се жители на Скопје, затоа и развојот на овој град за нас е од особено значење. На овој ден Скопје беше првпат вистински ослободено и затоа за нас како учесници во тоа ослободување од особено значење е неговиот развој. И во денешно време постојат борци, кои градејќи го ова наше Скопје, ќе остават белег за идните генерации, рече Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците на град Скопје.

На крајот од средбата, борците се заблагодарија за приемот, како и за добрата соработка и поддршката што градоначаникот Трајановски им ја дава на членовите на Сојузот на борците.

Во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје и во сеќавање на борците кои во 1944 година на градот му ја донесоа слободата, градоначалникот Трајановски и поголема делегација од Град Скопје на партизанските гробишта во Бутел и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски положија цвеќе.

Цвеќе положија и претставници на Собранието на Република Македонија, претставници од Владата на Република Македонија, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, делегација од АРМ, од Сојузот на борците, претставници од општините на Град Скопје, од Црвениот Крст на Град Скопје и други организации и граѓани.

Собраниската делегација ја сочинуваа потпретседателката на Собранието Сузана Салиу, пратениците Владимир Ѓорче, Рафет Муминовиќ, Тања Томиќ и Сафет Бишевац. Во состав на делегацијата на Владата беа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за животна средина и просторно планирање Абулаќим Адеми и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

По повод одбележувањето на Денот на ослободување на Скопје, се реализираат и повеќе спортски и хуманитарни манифестациии, традиционалните планинарење на Шар Планина до врвот Љуботен, крводарителска акција на Црвен крст на Град Скопје и изложба на фотографии „Волонтер во акција“, Кајак спуст по реката Вардар, како и Ноќна велосипедска трка и Ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.

На 13 ноември пред 67 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Скопје првпат се спомнува од Клаудиј Диоломеј под античкото име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) првпат се јавува кај племето Пеонци. Скупи, исто така, значи и „населба на див народ“, бидејќи Дарданците биле алчни и сурови непријатели на Македонија и античкиот свет.

Според историските податоци, градот е формиран од Дарданците во третиот век пред нашата ера, а подоцна во 164 година пред нашата ера паѓа под власт на Римјаните и станува дел од провинцијата Мезија, дел од областа Дарданија.

Во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.

Подоцна во 84-та или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.

Градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се спомнува, а скопската котлина добива нов град со името Јустинијана Прима.

По доаѓањето на Словените во шестиот век градот е завземен од племето брсјаци и го добива името Скопје. За време на владеењето на првиот македонски цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство.

Во подоцнешниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Турците и го добил името Ускуп.

Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набргу е обновен и станува турско воено упориште.

Во 16-от и 17 век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја. На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини, кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен.

Во 19 век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација.

За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на бугарските и на австро-унгарските сили, а по завршување на војната стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944.

По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година градот бргу се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија, која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути Скопје доживува трето разорување од катастрофален земјотрес. Градот е скоро целосно разурнат од земјотресот со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала.

Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, а околу 2.900 беа повредени. Над 80 отсто од преживеаното население остана без покрив над глава. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет и помош почна да пристигнува од сите страни.

Првата помош дојде од припадниците на војската на тогашна Југославија, а подоцна пристигнаа експерти и лекарски екипи од голем број земји во светот. Со помош од 87 држави од светот Скопје повторно се изгради и затоа градот го носи епитетот „Град на солидарноста“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Оди Трпе во продавница.
- Дајте ми литар масло.
- Флаша имате?
- Не, ќе го пијам пред врата!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Во западните делови од државата, на повисоките места се бележат врнежи од снег, но...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Меѓународен ден на трудот.
1218.- Роден е германскиот цар Рудолф, основач...
1672.- Роден е англискиот писател и политичар...
1858.- Се случи битката на Грахово. По победата...