Од утре и дневните температури во повеќе градови во државата нема да се искачат над нулата.
Метеоролозите за утре најавуваат сончево и студено време со умерена облачност. Утринските температури ќе се спуштаат помеѓу -22 и -6 степени, а во Скопје до -13 степени.
“Најтопло“ ќе биде во јужниот регион каде температурата ќе достигне нула степени.

Во среда температурата ќе се движи од -23 степени до 1 степен, во четврток од -14 до -1 степен, а во петок се најавени температури од -10 до 2 степени.
Според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи во среда не’ очекува сончево време, со врнежи од снег во вечерните часови што ќе продолжат во четврток и петок.
Заради поларниот бран, Министерството за здравство, упати препорака до образовните, социјалните и други установи навремено да ги преземат потребните мерки за затоплување на просториите каде престојуваат деца и постари лица, како и посветување поголемо внимание за згрижување на сами постари лица и бездомници.
Истовремено, Комисијата за климатски промени при МЗ ги потсетува граѓаните за време на студениот бран да ги почитуваат претходно дадените препораки за заштита на здравјето, како што се – непотребно излегување од дома, посебно за вулнерабилни групи, како што се постари и хронично болни лица, како и редовно земање на терапијата од матичниот лекар, носење топла и сува облека, престој во топла просторија, пиење топли напитоци, избегнување алкохолни пијалаци, како и посветување поголемо внимание при движење, заради можност за повреди и скршеници од лизгавите површини.
Исто така, препорака до работните организации е обезбедување топли простории, процена на ризикот на работно место и за оние работници кои работат изложени на ниски температури да се направи посебен режим на работа и на сите лица кои работат на отворено или во екстремно ладни услови да им се овозможат топли напитоци и почести паузи во топла просторија.