
Поранешниот сопственик на А1 телевизија, Велија Рамковски, е осуден на 13 години затворска казна.
Рамковски и уште дваесет и двајца обвинети во случајот “Пајажина“ беа уапсени и притворени кон крајот на 23-ти и 24-ти декември 2010 година. Оттогаш поголем дел беа во притвор во истражниот затвор “Скопје“ во Шуто Оризари, а подоцна на неколкумина им беше одреден домашен притвор.
Групата беше обвинети за перење пари, затајување данок и злосторничко здружување. Случајот беше отворен откако на 25-ти октомври инспектори на Управата за јавни приходи, уште неколку Државни инспекторати со асистенција на полицијата влегоа во фирмите на Перо Наков бб и го разоткрија криминалот.
Два месеца подоцна следуваа апсењата на сите инволвирани, освен синот на Рамковски, триесет и шестгодишниот Хеди, кој се Министерството за внатрешни работи го бара со меѓународна потерница.
Во јануари 2011 година беа блокирани сметките на телевизија и трите весници “Време“, “Шпиц“ и “Коха е Ре“ поради сомневање дека парите на тие сметки потекнуваат од криминални дела.
Во знак на протест поради одлуката за блокирање на сметките, екипата на А1 телевизија вестите ги емитуваше од пред зградата на владата. На 30-ти јули 2011 А1 прекина да емитува програма откако Агенцијата за електронски комуникации ја одзеде дозволата за работа поради стечај.
Во моментов се води постапка за ликвидација на телевизијата по одлука на доверителите на 25-ти јануари годинава. Побарувањата на 354 доверителите од А1 се во висина од 23 милиони евра, од кои стечајниот управник Ацо Петров прифати само 60 отсто односно 14,6 милиони евра. УЈП за данок од А1 побарува 11 милиони евра.