Брисел, 5 септември 2012 (МИА) - Ќе ја постигнете целта, откако ќе го решите прашањето за името со Грција. Ова е пораката која на македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска му ја испрати првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Ван Ромпуј посочи дека со македонскиот претседател дискутирале за европската перспектива на Македонија како кандидат за членство на Унијата уште од 2005 година. Ван Ромпуј истакна дека со својот соговорник се согласиле за важноста од продолжување на силниот фокус кој Македонија го има на патот кон ЕУ, посочувајќи ја важноста од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) што македонската Влада го води со Европската комисија.

- Ги поздравувам досега спроведените реформи во Поранешната југословенска Република Македонија и ги охрабрив напорите во врска со слободата на изразување, изборната реформа и меѓуетничките односи. Внатрешната стабилност и помирувањето за ПЈРМ, но и за регионот, остануваат најважни сегменти. Затоа сакаме целосна имплементација на Охридскиот договор и силно го поддржуваме духот и словото на овој договор, кој е од есенцијално значење за демократијата и владеењето на правото, изјави претседателот на Европскиот совет по средбата со Иванов.
Ван Ромпуј посочи дека со Иванов разговарал и за прашањето за името, при што ја нагласил релевантноста на добрососедските односи во пристапниот процес кон ЕУ и ги охрабрува двете држави да продолжат со преговорите со цел изнаоѓање на заеднички прифатливо решение.
- Затоа што регионалната соработка е суштинска за европската интеграција и во овој контекст го поздравувам претседавањето на вашата земја со Процесот на соработка во Југоисточна Европа. ЕУ останува целосно посветена на европска иднина на ПЈРМ и ја поздравувам силната јавна поддршка за ЕУ во земјата. Затоа сум убеден дека целта ќе ја постигнете откако ќе се реши прашањето за името, дециден беше првиот човек на Советот, додавајќи дека тој е подготвен да помогне, но дека е потребно е да бидат исполнети и неопходните реформи и критериуми.
- Се надевам дека сите земји од регионот, вклучувајќи ја и вашата земја господине претседателе, дека ќе продолжат на патот кон ЕУ. Иднината на вашата земја е во Европа, му се обрати Ван Ромпуј на македонскиот претседател.
Претседателот Иванов, пак, изјави дека на средбата со Ван Ромпуј дискутирале за неговите вчерашни средби со претставниците на Европската комисија и Европскиот парламент. Притоа, македонскиот претседател на Ван Ромпуј му ги пренел очекувањата во Македонија дека се што досега е постигнато ќе биде нотирано во октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграцијата.
- Од страна на Европскиот совет, како институција чија улога високо ја почитуваме, очекуваме динамизирање на процесот на евроинтегрирање на Македонија и искажав благодарност за се што досега е направено за нашата земја во тој правец. Со Ромпуј разговаравме за многу прашања, како што се реформските процеси и обврските што ние како држава ги превземаме, какои желбата да се деблокира процесот на нашите евроинтеграции, посочи Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека со претседателот на ЕС отвориле и прашања за состојбите во регионот, при што Иванов му укажал дека целта на Македонија е до крајот на година да добиеме датум за почеток на преговорите, што би било силна порака и за другите земји во регионот кои истиот европски пат го имаат на својата агенда. Тој му укажал на својот соговорник дека од ЕУ се очекува да направи се што е во нејзина моќ за да помогне заедно да се рализираат ваквите цели, од што корист ќе има целиот регион и нашиот јужен сосед. Во таков случај, според Иванов, Грција ќе има сосед со европски стандарди, критериуми и принципи.
- Оваа политика на блокади што ние најдобро го чувствуваме, не дава резултати, ниту придонес за целиот наш регион да ја живее агендата на евроопската иднина и да почувствува она што е корист од евроинтеграциите, оти тоа е единствен процес кој не принудува доброволно да менуваме институции, навики и како да ја гледаме нашата иднина. Затоа побарав од Ван Ромпуј негов личен ангажман да се надминат овие блокади што долги години ги имаме и да добиеме она што заслужуваме, ни помалку ни повеќе од другите земји што биле со ист статус како и нашиот, додаде претседателот Иванов, кој на крајот на средбата го поканил претседателот на Советот на ЕУ идната година да ја посети Македонија и да присуствува на состанокот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид.
Според Иванов, првиот човек на Европскиот совет таму ќе може лично до лидерите на земјите од нашиот регион да се запознае со новиот амбиент кој се создава.
Со завршувањето на средбата со претседателот на Европскиот совет, заврши и официјалната тридневна посета на претседателот на Република Македонија на Брисел и средбите со највисоките преставници на НАТО и ЕУ, која се оценува како успешна.
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, испрати порака дека во решавањето на наметнатиот спор за името со Грција треба да не се задира во идентитетските и јазични одредници. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе, иако не сакаше директно да каже дали во октомврискиот извештај на Комисијата ќе ја има одредницата „македонски”, со обраќањето „Македонци”, „македонски интеграции” и „македонски граѓани” во својот говор по средбата речиси потврди дека тоа ќе се најде во документот за Македонија. Претседателот на Ецвропарламентот, Мартин Шулц, пак, му порача на Иванов дека Македонија ќе ја има поддршката на европскиот законодавен дом, додека е тој на негово чело. Единствено разочарување останува денешниот став на првиот човек на Советот, бидејќи Ван Ромпуј порача дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, откако ќе го реши спорот за името, што ги отфрла сите надежи дека по позитивната препорака од ЕК, можеме да се надеваме на добивање на датум на декемврискиот Самит на Советот на Унијата без договор со Грција.