Василичарските маски ќе продефилираат низ улиците на Вевчани

Струга, 13 јануари 2014 (МИА) – Во Вевчени денеска ќе биде одржано главното дефиле на маски, централната манифестација на традиционалниот Вевчанскиот карневал, кој годинава се одвива под мотото „Биди и ти вистински Василичар“.

Преку маските и годинава вевчанци на специфичен начин ќе ја изразат својата дарба за хумор и сатира нема да изостанат ниту традиционалните маски Зет, Невеста и Глупавиот Август.

Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски најави дека акцентот на маските ќе биде ставен не само на политички случувања, туку и на други моменти од економскиот и културно-забавниот живот што се случија изминатава година во Македонија.

Инаку, специфика по која се издвојува овој карневал е уникатноста на групните маски. Маските се чуваат во тајност до денот на одржување на дефилето. Се вели дека вевчанци можеби ќе ни откријат и детали од нивната интима, но никогаш нема да ви откријат во што ќе се маскираат оти за нив тоа е најсвета тајна.

Според уметничкиот директор на карневалот и негов хроничар, Мишо Китановски, не се случило ниту една маска двапати да парадира на манифестацијата. Тоа, меѓу другото, го посведочува и изложбата на фотографии „Групни маски 2003-2013“ од авторот Илија Мурџески, а која е дел од богатата културно-забавна програма на годинaшниот Вевчански карневал.

За многубројните посетители од сите возрасти предвидени се интересни содржини како Детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во цепење дрва, тркалање буриња, натпревари во буткање рака и пиење вино, но и многу богата музичка програма која се одвива во текот на сите карневалски денови и по која, велат, се разликува овогодинешниот од претходните карневали.

Предвидени се и пет точки, односно куќи на гостопримство во кои посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети.

Оваа година организаторите најавуваат дека ќе биде вратен и стариот обичај - избор на најдобра групна маска која ќе биде наградена со буре црвено вино „Вевчанска керв“.

Во музичкиот дел по синоќешниот настап на „Куку леле“, популарниот српски бенд „Ван Гог“ и Ѓоко Танески, оваа вечер е посветена на македонската фолк музика. Ќе настапат Сузана Спасовска, Миле Кузмановски и Ефто Пупиноски, а гостува и етно-составот од Србија „Теодулија“.

Вечерната прослава ќе кулминира со Средбата на изворите на која се случува обредот на осветување на Вевчанските извори – Душата на Вевчани. Ритуалот почнува по 2 часот по полноќ кога ќе удрат камбаните и се смета дека изворските води се осветени. Тогаш мајките и жените со котлиња и китки одат на изворите, полнат од водата и ја носат во своите домови. Се вели дека од оваа вода токму тоа време во ноќта полнат за здравје и жителите на подолните села иако не се христијани. Штом стигнат во домовите со китките попрскуваат по целата куќа. Инаку, китката е букет гранчиња од дрен набран за здравје на семејството, василичарка – бодликаво растение за отфрлање на негативностите и босилек за бркање на ѓаволот. Суштината на обичаите со маски кои популарно се нарекуваат карневали, според етнолозите е среќа, плодноста, поттикнување на заедништвото и на сопствениот идентитет.

 Карневалот завршува утре на зајдисонце со палење на маските што симболизира уништување на злото, прочистување од лошите духови и влегување со чиста душа во Новата година која започнува на тој ден според календар.

Вевчанскиот карневал кој се одржува спроти празникот Василица има повеќевековна традиција. Од 1993 година Вевчани е член на Федерацијата на европски карневалски градови. Карневалот и годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура во организација на Општина Вевчани, а е потпомогнат од многубројни компании – пријатели на манифестацијата.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Влегува калуѓерка кај игуманијата и и вели:
"Замислете Мајко, одев низ шумата кога наиде еден гад и ме силуваше. Што да правам?"
"Не грижи се, ќерко, само оди и изеди три...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1519.- Умре италијанскиот сликар, вајар,...
1860.- Роден е еврејскиот писател Теодор Херцл,...
1892.- Роден е германскиот пилот Манфред фон...
1903.- Во селото Смилево, Демирхисарско, почна...