Deutsche Welle

Речникот на Нуланд омекна од Дубровник до Скопје

Во јавните пораки на Викторија Нуланд аналитичарите не гледат ништо ново, но сметаат дека зад затворени врати се водени посуштински разговори, особено пред посетата на Метју Нимиц на Скопје


Познати дипломатски фрази, гол вербализам, ништо суштински ново или „нула од Нуланд“.

Вака аналитичари ги оценуваат ставовите кои американскиот помошник на државниот секретар за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд, ги соопшти вчера во Скопје на средбите со државниот врв. Нуланд самата го зголеми нивото на очекувања од нејзината посета, со тоа што еден ден пред почетокот на балканската турнеја, на форумот „Хрватска 2014“ во Дубровник, многу критично ги портретираше политичарите. Јавноста, која одамна е навикната да слуша дипломатски пораки „во ракавици“, овојпат беше изненадена од исклучително острата оценка, каква што досега не е слушната од претставници на американската администрација.

„Европа не може да биде цела кога клептократите ги третираат нивните држави како извор на профит за нив и за нивните пријатели. Не може да биде слободна кога изборите се манипулираат, кога слободните медиуми се замолчуваат и кога малцинствата се под закана. Не може да има мир кога корумпираните политичари се служат со политички, економски и судски закани за да се задуши опозицијата и за да ги опљачкаат нивните граѓани“, изјави Нуланд пред учесниците на форумот. Таа потенцираше дека корупцијата претставува опасност за националниот суверенитет на земјите од Балканот до Балтичкото и Црното Море, затоа што секој извалкан политичар и секоја нетранспарентна зделка која се толерира, создаваат можност за надворешни влијанија.

Посетата на Нуланд некои аналитичари ја поврзуваат со претстојната посета на медијаторот Метју Нимиц
“Корупцијата не е само убиец на демократијата, туку е уште еден дополнителен инструмент во арсеналот на автократите и клептократите, кои бараат да го прошират нивното влијание за да ги ослабуваат нашите демократии и да се збогатат на сметка на нашите граѓани”, рече Нуланд во Дубровник.

Многу демагогија

Токму ваквата жестока вербална увертира на турнејата, ги подигна очекувањата од нејзината посетата на Македонија, па сега по нејзиното заминување се прават иронични пресметки по колку изминати километри, „речникот на еден лав“ може да се претвори во „речник на маче“. Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, е изненаден од таквиот пресврт.

„Навистина не ми е јасно како оние силни изјави на Нуланд пред доаѓањето, (се разбира, ако не биле шпекулација од одредени новинари), се претворија во куртоазен и стилизиран дипломатски речник. Од она што го изјавија Нуланд и Груевски, се работи за вообичано благи изјави дадени за јавноста, иако мислам дека зад нив стои нешто друго, мошне посодржајно и посуптилно, кое е кажано во одреден тесен круг на луѓе од доверба присутни на средбата, за што ние не можеме да дознаеме во блиска иднина. Добро е што премиерот Груевски јавно и јасно истакна дека и покрај сите досегашни неправди нанесени кон нас, ние сепак остануваме посветени на евроатланските интергации. Мислам деке не е доволно високиот американски претставник да каже дека 'САД ја поддржуваат визијата на Република Македонија како држава која се движи напред кон просперитет, кон демократија', туку е потребно да вложат и реални напори тоа заеднички да го ефектуираме. Голиот вербализам - 'ние сакаме да ја зајакнеме и економската интеграција во регионот, затоа што таа ќе донесе сила и просперитет, како и раст за двете заедници', сама по себе не е доволна, и по којзнае кој пат е веќе видена работа, а нам ни е потребна конкретна акција во таа насока. Не можам да ја разберам изјавата дека 'Македонија извезува безбедност', кога до вчера сите, вклучувајќи ги и највисоките функционери во државата, трепереа за мирот и безбедноста во земјава. Апсурдност и демагогија до крајна граница“, констатира Кекеновски.

Јове Кекеновски
Поранешен висок функционер кој сака да остане анонимен, вели дека Нуланд „добро знае каде со каков речник треба да настапи“.

„Едно е форум во Дубровник, а друго се средби со национални раководства. Критиките од Дубровник беа упатени на 'општа адреса' - до сите истовремено и до никого посебно. Јасно е дека ниту еден политичар од регионот нема да се препознае себе си во таа критика. Верува дека таа важи за некој друг. Но, кога се разговара со претставници на државен врв, никогаш не се користи таков речник, ако е целта да се охрабрат соговорниците и да им се даде импулс за одредени значајни чекори или реформи. Се друго би имало спротивен ефект. Исто така, не треба да се занемари фактот дека постета на Нуланд и претходи на посетата на медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц. Она што го нема во 'излогот', односно во јавните изјави, го има во разговорите зад затворени врати. Сигурно е дека на оваа тема се пренесени значајни и корисни пораки, кои заради суптилноста на проблемот, и не мора да бидат споделени со јавноста во овој момент“, уверува нашиот соговорник.

Задоцни со сендвичите

Но, сите не се уверени во ваква, „идилична верзија“.

„Викторија Нуланд задоцни неколку дена за да може да дели сендвичи и во Скопје, а сигурно би го направила тоа, бидејќи демонстрациите одлично се вклопуваат во нивното сценарио за Македонија“, критикува амбасадорот Ристо Никовски, алудирајќи на тоа што Нуланд им делеше сендвичи на учесниците во протестите во Киев. Тој смета дека со одредени изјави таа практично ги поддржала нередите на протестите против пресудата за „Монструм“, само без сендвичи. Но, тоа не му е единствената забелешка.

Викторија Нуланд и Никола Груевски
„Изјавата што Нуланд ја даде по разговорите во Скопје е копија на се’ што таа и нејзините колеги, високи американски функционери, го верглаат од Букурешт во 2008, наваму. Тие постојано ни порачуваат дека 'САД силно го подржуваат членството на Македонија во НАТО', обично со додавка 'и искрено се надеваат дека последната пречка за тоа ќе биде во најкратко време надмината'. Нормално, воопшто не спомнуваат дека нивниот услов за тоа е земјата да се прекрсти и народот да се обезличи. Во нашите весници следуваат крупни наслови: 'Силна американска поддршка за НАТО'! А, нивниот став се сведува на она народното – мижи да те мамам. А ние, токму тоа го правиме. Мижиме. И МНР, најавувајќи ја посетата на Нуланд, оцени дека односите меѓу двете земји се 'засновани на доверба, стратегиско партнерство, како и регионална и глобална соработка, во рамките на меѓународните мировни мисии'! Ништо не е подалеку од овие констатации. Ако САД ни се стратегиски партнер, а се главни заговорници да се прекрсти земјата, тогаш постратегиски партнер - здравје! Клучот за иднината, нашиот најстратегиски и фундаментален интерес е да останеме тоа што сме - Македонија и Македонци. Секое друго решение носи катастрофа“, вели Никовски.

Во пораките на Нуланд секој го пронајде она што сакаше да го слушне. Во албанската етничка заедница акцентот го ставаат на пораките на Нуланд за исполнување на Охридскиот договор како предуслов за иднината на државата, но и врз подготвеноста за американско инвестирање во регионите со Албанци во Македонија, со цел економско и социјално изедначување.

„Нуланд го покрена прашањето кое никогаш досега не беше покренато од партиите на Албанците - за непропорционалноста во инвестициите во краевите каде живеат Албанци. Тоа додаде нов потстрек во овој моментум“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

Во повикот на Нуланд „за важноста на политичката хармонија“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ прочита порака упатена до опозицијата која го бојкотира Собранието, а во поттикот за реформи и забрзување на интеграциските процеси, опозицијата ги препозна сите тапкања во место на власта, за кои таа постојано предупредува. Единствено, во дубровничките критики за корупција никој не се препозна. Во тоа огледало секој го виде само ликот на својот политички опонент.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...