Deutsche Welle

Независна Македонија: Која сум и каде одам?

Независноста на Македонија пред 23 години беше чекор за респект, а денес повод за преиспитување на грешките, пропуштените шанси и за темелни реформи за излез од стагнацијата, велат соговорниците на Дојче веле.

Дваесет и три години, или безмалку четврт век независност, е доволен период за која било земја да го трасира патот на развој и да обезбеди респектабилно место на картата на светот. Денес, кога независноста е релативна категорија во еден свет меѓузависен од соработка, поврзаност, интеграција и незапирлива глобализација, со какви резултати може да се пофали и идентификува Република Македонија? Од што е независна, а од што зависна земјата денес - е прашањето што Дојче веле им го постави на истакнати личности од македонскиот општествен живот.

Зоран Јовановски, економски експерт, одговорот го фокусира на фактот дека политичката независност и економската независност се различни концепти и ретко одат рака под рака.

„За да биде една земја економски релативно независна, треба да има голема економија или големи природни ресурси - нафта, гас и слично. На 8 септември 1991 година Македонија се стекна со политичка независност, но од неколку аспекти ќе остане економски 'зависна'. 'Зависна' е од постигнување внатрешна кохезија. Тоа е потребата да се исцртаат јасни економски 'црвени' линии за кои ќе постои општ, вклучително и меѓугенерациски консензус во земјата. Како мала земја, 'зависна' e од тоа да има отворена економија, да увезува и извезува добра и услуги. Македонија е 'зависна' и од случувањата во економијата на ЕУ, нашиот најголем трговски партнер, а треба континуирано да работиме на наоѓање и на нови пазари. 'Зависна' e и од максимално користење на кадровските ресурси што ги има, без оглед дали тие се во земјата или во странство. Мора да се најде начин да се искористи интелектуалниот потенцијал на сите што и’ мислат добро на земјата. Конечно, Македонија е 'зависна' од квалитетни инвестиции во образованието, здравството, енергетиката и инфраструктурата, бидејќи со нив суштински се придонесува за долгорочно одржлив економски раст на земјата“, смета Јовановски.

Врвови, а не дна

Македонија 23-годишнината од независноста денес ја дочекува со 30 отсто сиромаштија, 28 отсто невработени и со јавен долг на централната Влада од 3,3 милијарди евра, или 40, 8 проценти од БДП. Според економските експерти, ако на овој долг на централно ниво се додадат долговите на Народната банка, на општините и други институции, Македонија има вкупен јавен долг над 50 % од БДП, што е највисоко ниво во последните 14 години, со исклучок на кризните 2001 и 2002 година.

Но, властите имаат и друг, уште поголем долг - да го исполнат ветувањето дадено пред македонските граѓани дека земјата ќе ја интегрираат во ЕУ и НАТО. Спротивно на тоа, денес зад неа е уште еден самит на НАТО на кој ни Македонија, ниту проширувањето не беа тема, а пред неа е уште еден извештај на Европската комисија, во кој е неизвесно како ќе се нотира напредокот на земјата во услови на отсуство на дијалог и опозициски бојкот на Собранието. Професорот Денко Малески потсетува дека очекувањата беа многу големи пред две децении.

„Независноста беше голема победа на Македонија, таа се вцрта на картата на светот и го доби заслужениот респект. Но, стратегиските цели што тогаш ги постави - за евроатлантски интеграции, до денес не се исполнети. Напредокот на Македонија денес зависи од решавањето на два проблема - еден внатрешен, со демократијата и еден надворешен - односот со соседите. Тие се двата воденичарски камења кои не влечат долу“, констатира Малески.

До кога ќе одиме надолу? Доста ни се дна, потребни ни се врвови, во смисла на персонални и колективни успеси кои ќе ја влечат земјата напред, апелираат интелектуалци, кои се’ уште не ги зафатил вирусот на молк и конформизам. Според Малески, дел од проблемот е што Македонија нема традиција на градење елита во морална смисла.

„На Македонија и е потребна мислечка и морална авангарда - луѓе кои своето поведение нема да го ставаат над личните интереси. Таквите луѓе го прават духот на државата. Ние имаме тело, но малку имаме од таквиот дух. Според начинот на кој ја сфаќаме демократијата, се движиме во обратна насока“, укажува професорот.

Но, стагнацијата не се одразува само во зоната на политиката. Дури и спортот, сфера која најсликовито го одразува духот, енергијата и подготвеноста за предизвици и победи, рефлектира анемија. Оливера Бикова, која на Македонија и’ донесе злато во стрелаштво на Параолимпијадата во Лондон 2012, низ третманот на спортот објаснува зошто сме далеку од можноста да погодиме - во целта.

„Од својата независност до денес, нашата држава се развива многу бавно, генерално гледано, во сите области од нашето живеење. Во спортот, на пример, континуирано недостига стручен кадар, реквизити и спортски објекти за различни видови спорт, а се разбира и финансиска поддршка за тој да тргне по нагорна линија и спортистите да дојдат до повисоки резултати. Секој спортист вложува во себе, се одрекува од многу нешта за да постигне подобри резултати со напорна работа, без разлика дали станува збор за екипен или индивидуален спорт. Дури сметам дека индивидуалниот спорт во денешно време многу тешко егзистира, многу малку се вложува во него, а токму од него произлегуваат најмногу медали и врвни спортисти“, вели Бикова.

Подготвени за „зихер“

На почитување и поддршка на талентот, успехот и компетентноста, повикуваат и светски реномирани уметници и научници, кои се меѓу малкуте домашни „икони“ што денес ја претставуваат Македонија во светот, многу подобро и поуспешно од нејзините акредитирани амбасадори. Но, личности со врвни меѓународни успеси, се помалку виреат на домашно тло, а се повеќе излезот го бараат надвор од земјата. Меѓу нив се и стотици млади кои не успеваат да ја потврдат својата професионална компетенција во борбата со моќните партиски книшки.

Прашања на кои Македонија мора да одговори: Што сакам, каде одам, што сакам да бидам?

„Кога ќе дојде до тоа - сите идеи да не произлегуваат од врвот на моќта или барем да не мораат бидат верифицирани од тој сектор, кога ќе почне општеството да функционира по хоризонтала и да не се плаши од размена на неодобрени идеи, тогаш евентуално ќе се ослободи индивидуалниот дух и слобода, и дури тогаш ќе се создадат услови нешто да се случи“, вели режисерот Слободан Унковски.

Според него, Македонија денес нема одговор на едно едноставно, но клучно прашање: Која сум јас?

„И бидејќи не го знае одговорот, не може да одговори ниту на другите важни прашања, како на пример: Што сакам, каде одам, што сакам да бидам? Во згмечениот македонски поглед на светот, со крпени решенија и луди ставови за нацијата, земјата, слободата и верата, граѓанинот престана да постои, а изгладнетата толпа изморена од секојдневните проблеми за преживување, нема ни време, а ни капацитет да препознае што и се случува. Индивидуата, личниот печат, посебниот квалитет, специфичните знаења и вештини, претходното искуство или успеси, се неважни, презрени и дефинирани како 'голема и непоравлива маана'. Ако не сте идолопоклоник на партијата на власт - што значи капацитет за изразување на сопствено мислење еднаков на нула, вие денес сте - ништо“, потенцира Унковски.

И тој ги бара одговорите на македонските „евергирин“ прашања.

„Која е таа болест, грешка во нашиот ген што не прави млитави, слаби, колебливи, уплашени, неспремни за ризик, а секогаш подготвени за 'зихер', сеедно колку е тој лош. Кој е тој суштински приоритет што ние како земја и нација би го испишале на нашето знаме? НАТО и ЕУ - тоа се веќе метафори, фантазмагории. Како ќе ја бележиме нашата земја на светската мапа - како туристичка дестинација од некој особен вид, како земја на сирењето, како земја на 1.000 езера, како балкански центар на дизајнот, како антички дизниленд? Ние немаме производ од каков било вид што е поголем од еден шлепер. За нашиот најкабаст дел од нешто, не мора да се затвараат патишта за да помине“, констатира тој.

Белград заменет со Брисел

Звучи апсурдно, но е вистинито: за жал, денес најголемиот „бренд“, по кој земјата ја распознаваат во светот - е спорот за името. Но, тој спор не е единствениот камен на сопнување на патот на нејзините развојни перспективи. Петар Гошев, политичар кого јавноста го идентификува со никулците на македонската пролет во '90-тие години, смета дека независноста всушност не сменила ништо суштинско од претходниот систем.

„Кон крајот на 90-тите, мислевме дека господарењето над самите себеси е предност која автоматски ќе не' смести под плодоносното дрво, а ние само ќе уживаме јадејќи го вкусното овошје. Ослободени од зависноста од 'Белград', влетавме во зависноста на сопствениот ум, сопствената (не)култура, сопственото знаење-незнаење. Дваесет и три години потоа, влетавме во зависноста од 'Брисел' и т.н. меѓународна заедница, без чие посредништво не се знае што би останало од веењето на нашето знаме. Се ослободивме од комунистичкото партиско судство, влетавме во зависноста на фамилијарното судство. Се ослободивме од писмата на Тито и од партиските директиви на КПЈ и КПМ, влетавме во зависноста од тајните договори на двата етнички атамани и нивните инсталации, не во партизирани, туку во приватизирани државни служби. Сакавме целосен суверенитет - политички и економски, а влетавме во програма на најевтина распродажба на јавните ресурси на земјата. Барем досега, сопствениот ум не се покажа кадарен за идејата за независност, која всушност, не е ниту доволно разбрана“, критичен е Гошев.

Македонија од осамостојувањето до денес има воспоставено дипломатски односи со 170 држави во светот, а под уставното име е призната од 135, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН - САД, Русија и Кина. Дваесет и три години подоцна, земјата има неопходна потреба од големо внатрешно преиспитување, реформи и воспоставување стабилни односи и дијалог и во внатрешниот „сообраќај“. Никој нема право да замижува пред сликата во домашното огледало.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Во лудница оди комисија да ги провери лудаците кој како се понаша и одат од еден до друг, некој се замислува дека е авион, друг скока во празен базен и така натаму. Доаѓаат до...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1856.- Во Фрајберг е роден Сигмунд Фројд,...
1889.- Во Париз официјално е отворена Ајфеловата...
1992.- Во Париз умре Марлен Дитрих (вистинското...
1993.- Умре Велко Силјаноски, редовен професор...