Deutsche Welle

Пропадна вториот обид за дијалог, трет засега нема!

Според сегашните показатели, не е извесно дека до декември Македонија ќе испорача резултати или барем сигнали дека презема чекори за суштински реформи и дијалог.

Не е гарантирано дека идната година ќе има препорака за Македонија, ако до декември не се покаже политичка волја за реформи во критичните сфери - судството, медиумите и обновување на политичкиот дијалог, порача неодамна евроамбасадорот Аиво Орав, повикувајќи се на забелешките нотирани во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија. Според него, ако за реформи е потребно време, тогаш дијалогот мора да профункционира што побрзо.

„Бидејќи постојат различни толкувања за оваа препорака во изминатите денови, прашањето е - што треба да се прави сега? Нема време, а сите овие точки кои предизвикуваат загриженост треба веднаш да се решаваат.

Треба да се занимавате со независноста на судството, независноста на медиумите. Потребно е време, но политичкиот дијалог е прашање што може да се реши брзо. ДПА ќе се врати во парламентот и ние го поздравуваме тоа. Се надеваме дека и СДСМ ќе ги видиме тука што е можно поскоро и дека Владата и опозициските партии ќе почнат конструктивен дијалог во следните денови“, рече Орав.

Дали денес се влошени или подобрени условите за дијалог меѓу власта и опозицијата?

Дијалогот мртов

Има ли активности на тој план? Според сознанијата на Дојче веле, засега нема, откако пред еден месец пропаднал и вториот обид за дијалог меѓу власта и опозицијата. Медијаторот во преговорите, белгискиот експерт Питер ван Хаутен, имал одвоени разговори со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не на лидерско ниво. Неофицијално, во одвоени средби тој разговарал со Радмила Шекеринска и Илија Димовски. И покрај обемните подготовки, разговорите не дале резултат. Неуспешен беше и првиот обид за почеток на дијалог кон крајот на јуни годинава, кога на иста маса седнаа партиските лидери Груевски и Заев (на насловната фотографија). Што е причината за неуспех и на вториот обид за дијалог?

„Немам коментар“, вели Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Принципиелно, ние во секој момент сме подготвени да разговараме, но за теми со реални содржини, а не за теми поврзани со амбициите на раководството на СДСМ за власт, без поддршка од граѓаните“, додава Димовски.

Од опозицијата велат дека причина за неуспехот е тоа што не бил прифатен нивниот предлог - не да преговараат, туку да разговараат за нивните пет барања.

„Вториот обид за дијалог ќе беше успешен, ако власта прифатеше да разговара за петте барања, односно ако и‘ беше дадена можност на опозицијата да ја аргументира петтата точка - барањето за техничка влада“, велат од СДСМ.

Според дипломатски извори, дебата се водела и за формулацијата за изборите во нацрт документот за преговори. СДСМ инсистирал да има формулација дека ќе се разговара за механизми за фер и демократски избори, а ВМРО ДПМНЕ - за механизми за унапредување на изборниот процес.

Условите полоши

И додека Брисел бара акција и мобилизација, од Владата кратко велат дека охрабруваат воспоставување на политичкиот дијалог. „Политичкиот дијалог е прашање за политичките партии. Како Влада, се разбира дека охрабруваме еден продуктивен и конструктивен пристап од сите вклучени и засегнати“, изјави портпаролот Александар Георгиев.

ДВ побара оценка од професорот Борче Давитковски - дали денес се влошени или подобрени условите за дијалог меѓу власта и опозицијата? Давитковски, кој зад себе го има искуството од неколкумесечното раководење со Комисијата за расветлување на настаните од 24 декември 2012 година, како и увид во преговарачките односи меѓу политичките опоненти, смета дека до денес се пропуштени многу шанси.

„Денес условите се полоши, иако власта имаше и има шанса да ги имплементира сите препораки, бидејќи со нив ќе се подобри парламентаризмот во Република Македонија и во иднина не би требало да се повтори '24 декември'. Дали на овој парламентарен состав не му треба етички кодекс? Дали не му треба сопствено обезбедување? Дали не му треба прецизна постапка за носење на буџетот и слично? Всушност, со препораките, Македонија, односно политичките фактори, преземаа обврска и кон граѓаните и кон ЕУ дека ќе го изменат Законот за Собрание, Деловникот, дека ќе донесат Етички кодекс, посебна постапка за носење буџет, дефинитивна еманципација од извршната власт, како и посебен однос кон медиумите и други форми за унапредување на парламентарниот живот“, потсетува Давитковски.

Каде се реформите?

Ако нема напредок во однос на политичкиот дијалог, дали има сигнали за почеток на суштински реформи во критикуваните сфери – судството и медиумите? „Ние работиме континуирано и посветено на спроведување на реформите во сите области и веќе утврдени приоритети и ќе продолжиме да работиме на сите објективни насоки и нотирани области од страна на ЕК, каде е потребно дополнително придвижување, одговорно, сериозно и на принципиелни основи“, вели портпаролот на Владата, но без објаснување дали за тоа има конкретен акциски план.

Претставници на владејачката ДУИ во неколку наврати потенцираа дека ги прифаќаат забелешките на ЕК.

„Ние мора да работиме повеќе за да се зајакне независноста на судството. Слободата на медиумите - тоа е наша уставна одредба“, рече вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.

Пожесток во самокритиката беше неговиот партиски лидер, Али Ахмети:

„Дали имаме селективно судство? Секако дека имаме! Имаме ли партизирана администрација? Да, имаме! Дали се сите медиуми слободни? Дали се унифицирани? Дали е се‘ во ред со сопствениците на тие медиуми? Ова се прашања кои се отвораат во извештајот и сигурно дека нашето општество треба да ги дискутира. Дали мислите дека сите во ДУИ се ангели? Дали се ангели и сите во ВМРО ДПМНЕ? Не! Ако сакаме напредок и влез во ЕУ, треба да бидеме самокритични и транспарентни“, рече Ахмети.

Премиерот Груевски до денес не даде коментар на овие оценки од неговиот коалициски партнер. Според дипломатски извори, соочувањето со пропустите и со одговорноста за нив, е првиот чекор кон подобрување на состојбите.

„Но, она што ЕУ сака да е го види, не е само вербална посветеност на задачите, туку акција која ќе доведе до конкретни резултати. Тие резултати не и‘ се потребни на Унијата, туку, пред се‘, на граѓаните на Македонија“, велат тие.

Декември е веќе „утре“, останува уште „денес“ да се сработи што е можно повеќе.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...