
Скопје, 21 април (МИА) - Вооружени лица со автоматски пушки околу 10 часот утрово во населбата Чаир во Скопје ограбија возило за превоз на пари на Тутунска банка, кое секој ден го собира дневниот промет од маркетите на „Тинекс“ и „Тедико“ во Чаир, по што избегале по улицата „Џон Кенеди“.
Според обезбедувањето на возилото на Тутунска банка, автомобил марка „опел вектра“ со сина боја им го попречил патот, а очевидци тврдат дека во опелот имало четири лица од кои двајца вооружени со автоматски пушки. Тие ги совладале возачот и обезбедувањето на возилото на Тутунска банка и им ги одзеле пиштолите.
- Ги натерале да легнат на афалтот по што ги одзеле клучевите од возилото „фолксваген кеди“ на Тутунска банка што биле оставени на бравата. Го отклучиле багажникот каде се наоѓале 13 вреќи со пари и ги одзеле, изјави портпаролот на МВР Иво Котевски нагласувајќи дека според првичните сознанија на МВР во вреќите имало меѓу 15 и 16 илјади евра.
Полицијата извршила увид на местото на настанот и трага по крадците, а возилото на Тутунска банка е пренесено во МВР на натамошна истрага.