Четири лица загинаа во хеликоптерска несреќа што се случи во непосредна близина на градот Питерборо во источна Англија, јави дописникот на МИА од Лондон.
Британската полиција потврди дека леталото се урнало во првите часови после полноќ, откако претходно полетало од аеродромот „Џон Ленон“ во Ливерпул, набргу по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу „Ливерпул“ и „Челзи“, во рамките на полуфиналето на Лигата на шампионите.

Не се знае кои се причините за паѓањето на хеликоптерот, но е потврдено дека видливоста за време на летот била мала, поради големата облачност и ниските облаци.
Леталото се урнало непосредно пред да се спушти на една приватна локација, а неговите остатоци беа пронајдени дури претпладнево во околната густа шума.
Полицијата не го соопшти идентитетот на патниците, но се знае дека во несреќата загинал Филип Картер, почесен потпретседател на „Челзи“, неговите двајца сопатници и пилотот на приватниот хеликоптер, сопственост на починатиот Картер, откако претставник на компанијата потврди дека тој бил на мечот во Ливерпул и се јавил дека се враќа дома со својот хеликоптер.
Во Британија, Филип Картер важи за мошне угледен и богат бизнисмен, но е познат и како голем навивач и поддржувач на „Челзи“.
Во 1996 година тогашниот потпретседател на „Челзи“ Метју Хардинг исто така загина во хеликоптерска несреќа.