Москва, 10 септември (МИА) - Венецуела ја призна независноста на Јужна Осетија и Абхазија, изјави денеска во Москва претседателот Уго Чавес.
Со ова јужноамериканската држава стана третата земја во светот по Русија и Никарагва, која ги смета двете грузиски сепаратистички области за независни држави.
Венецуелскиот претседател истакна пред својот руски колега Дмитриј Медведев дека неговата земја од денеска ги смета Јужна Осетија и Абхазија за независни држави, а наскоро ќе преземе и неопходни дејствија за воспоставување дипломатски односи со нив.
Медведев му заблагодари на Чавес за ваквата одлука, додавајќи дека секоја земја самостојно решава дали да признае нечија независност.