Бејрут, 5 август 2011 (МИА) - Десетици илјади Сиријци излегоа по улиците на градовите во целата земја со повик за пад на режимот на претседателот Башар Асад и во знак на протест против воената опсада на градот Хама.
Протестите ја опфатија престолнината Дамаск, јужната провинција Дара и југоисточната Даир ал Зур. Демонстрации има во северниот град Камишли и во централниот Хомс. Продолжуваат бомбардирањата на градот Хама, епицентар на востанието.
Асад наложи воена опсада на Хама пред шест дена во обид да го скрши бунтот.
Во Ирбин, во близина на Дамаск, има четворица убиени и неколку повредени при растурање на демонстрација од силите за безбедност.
- Сириските сили треба да запрат да употребуваат прекумерна сила против мирните демонстранти, треба да стават крај на егзекуциите и другите злосторства, кои се казниви според меѓународното право, изјавија експерти на ОН.
Во заедничка изјава тие ја повикуваат Владата на Асад да ги запре жестоките репресии, вклучувајќи го „користењето тешка артилерија“, и да се стреми кон национален дијалог.