
Нови приближно 180 жртви вчера паднаа во репресиите и жестоките борби во Сирија, а повеќето од убиените се цивили, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права за еден од најкрвавите денови од почетокот на востанието во март минатата година, пренесуваат агенциите.
Најмалку 178 лица, а меѓу нив 117 цивили и 58 војници од владините сили, загинаа во вчерашното насилство.
Особено многу жртви има во бунтовничкиот град Дума, во близина на Дамаск, што е подложен на масовен напад на армијата.
Активистите за човекови права соопштуваат за најмалку 36 убиени, вклучувајќи и шест деца и уште толку жени.
Во видео порака, ставена на Интернет од бунтовниците од Дума, маж го покажува закрвавеното тело на момченце, и вика : „И ова дете ли крена оружје против режимот на Башар Асад?“.
Според германски медиуми, во Дума има 44 убиени, додека британски медиуми соопштуваат за 190 убиени вчера во цела Сирија, а во Дума, град на 15 километри од Дамаск, имало повеќе од 50 жртви.
Активистите објавија онлајн снимки на десетици тела, завиткани во крвави бели чаршафи.