Ветувам подобра Америка

Вашингтон 31 август 2012 (МИА) - Претседателскиот кандидат Мит Ромни ја затвори конвенцијата на Републиканската партија во Тампа со обраќање во кое го претстави својот план за економска обнова на Соединетите Американски Држави и со ветување дека во неговиот мандат ќе создаде 12 милиони работни места, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Ромни го обвини претседателот Барак Обама дека е неуспешен како водач на САД, ги претстави своите лични успеси како бизнисмен и инвеститор и најави остра надворешна политика, обвинувајќи го Обама дека е премногу слаб кон американските ривали како што е Русија.

Како главни точки во економскиот план, Ромни најави целосно искористување на нафтата и јагленот покрај другите видови енергенси, реформи во државното образование, нови договори за слободна трговија, намалување на дефицитот и долгот на САД и намалување на даноците за малите бизниси.

Во најавата за намалување на американските долгови, Ромни ја посочи Грција како земја во која, поради големите долгови, сите инвестиции и вложувања исчезнуваат.

Значителен дел од обраќањето на Ромни беше критика на големите ветувања кои претседателот Обама ги даде во 2008 година.

- Претседателот Обама вети дека со неговиот избор ќе престане да расте нивото на океаните и ќе почне заздравувањето на планетата. Моето ветување до вас е дека јас ќе ви помогнам на вас, и на вашето семејство, изјави Ромни.

Тој го обвини Обама дека им се извинил на државите од светот поради американските диктати, велејќи дека Америка е таа која ги ослободува другите држави од нивните диктатори.

- Во неговото прво интервју како претседател, Обама кажа дека ќе разговара со Иран. Ние се уште разговараме, а иранските нуклеарни центрифуги уште работат. Претседателот Обама ги жртвува нашите сојузници како што е Израел, а ги ослабнува санкциите кон Куба на Кастро. Ги изневери нашите пријатели во Полска, но на рускиот претседател Путин му најавува дека по изборите ќе биде уште пофлексибилен. Под мое раководство, нашите пријатели ќе видат повеќе лојалност, а господинот Путин ќе види помалку флексибилност, а повеќе р’бет, порача Ромни.

Сенаторот Марко Рубио, растечката ѕвезда на Републиканската партија од Флорида, им препорача на гласачите да го изберат Ромни за да обезбедат подобра иднина за себе, велејќи дека ветувањето на Обама дека ќе донесе надеж и промени се претворило во политика на “раздели и владеј”.

Легендарниот актер Клинт Иствуд имаше настап во кој, во “дијалог” со претседателот Обама го повика да си замине откако ги изневерил ветувањата.

- Таа вечер кога сите зборуваа за надежи и за промени, кога сите повторуваа „да, ние можеме“, беше темно надвор и беше пријатно, луѓето палеа свеќи, сите плачеа, Опра плачеше. Дури и јас плачев. Не сум плачел толку многу како кога дознав дека има 23 милиони невработени во оваа земја. Тоа е вистинска работа за која треба да се плаче, тоа е срамота, тоа е срамота за нацијата, и јасно е дека оваа власт не стори доволно да го поправи тоа. Мислам дека е време некој друг да дојде и да го реши овој проблем, повика Клинт Иствуд, кој за време на својот настап се обраќаше на празна столица поставена на сцената, за која кажа дека во неа седи претседателот Обама.

По конвенцијата, претседател Обама му одговори на Иствуд, објавувајќи фотографија како седи на својата претседателска фотелја, додавајќи дека таа е „зафатена“.

Републиканската национална конвенција имаше за задача да им го претстави Ромни на американските граѓани, откако во кампањата честопати беше опишуван како стегнат и склон кон гафови.

На третата, завршна вечер на конвенцијата, зборуваа блиски пријатели и деловни партнери на Ромни, негови соработници од мандатот како гувернер на државата Масачусетс, олимписките легенди од игрите во Солт Лејк Сити во 2002 година кои Ромни ги организирал.

Најтрогателни настапи на конвенцијата беа на семејството Опаровски и на Памела Финлаисон, кои опишаа како Ромни, како сосед и како мормонски свештеник, се грижел за нив и ги храбрел за време на болеста на нивните деца. Деловен партнер на Ромни раскажа како ја затворил инвестициската компанија „Бејн капитал“ на неколку дена и ги повел сите вработени со него да ја бараат ќерката на еден од вработените која побегнала од дома, затрупувајќи го Њујорк со постери од исчезнатата девојка додека не била пронајдена.

Со официјалното именување на Мит Ромни за претседателски кандидат на Републиканската партија, од денеска тој може да почне со искористување на огромните финансиски ресурси на партијата собрани во текот на кампањата. Се проценува дека Ромни има значителна финансиска предност пред Обама, која е клучна за објавување реклами во медиумите во сојузните држави како Охајо, Флорида, Вирџинија и Колорадо, каде гласачите се уште се неопределени.

Додека Ромни зборуваше во Тампа, Демократската партија објави повик на потпретседателот Џо Бајден, до граѓаните да донираат пари бидејќи републиканците досега потрошиле трипати повеќе пари од нив во некои од поделените сојузни држави.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Малата камила која мечтае да се омажи доаѓа во посредничка агенција. Подготвувајќи се да даде податоци, признава:
-Само, знаете, имам една физичка мана . . .
-Навистина? А...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на танцот
1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на...
1628.- Шведска и Данска во Штраслунд склучија...
1769.- Роден е Артур Велингтон, англиски...