Биоинженерите од универзитетите на Северна Каролина и Калифорнија креирале нов систем за испорачување на третманите за дијабетес – паметна инсулинска лепенка со големина на монета.

Сè што пациентот ќе треба да направи е да си залепи нова лепенка на почетокот на денот, по што таа самата ќе го надгледува и менаџира нивото на гликоза во следните 24 часа.
Овој уред реагира на високото ниво на шеќер во крвта и ја ослободува само неопходната доза на инсулин, со тоа намалуваќи го ризикот од хипогликемија (недостиг од шеќер во крвта).
Оваа лепенка е покриена со минијатурни микроигли, секоја со должина помала од еден милиметар, направени од полимер во кој има инсулин и кој е чувствителен на глукоза. Кога лепенката се става на телото, микроиглите пенетрираат во кожата и почнуваат да го мерат нивото на шеќер во крвта, кое доколку се зголеми, се активира ослободувањето на инсулин – процес кој се забавува како што нивото се враќа на нормала.
Досега, лепенката се покажала успешна во студиите правени врз свињи со тип 1 дијабетес, а со нејзина помош било контролирано нивото на глукоза околу 20 часа. Следен чекор ќе биде нејзино клиничко тестирање врз луѓе.