Научниците идентификуваа нови потенцијални причини за синдромот на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS). Рецензирана студија, која беше објавена во Журналот за невропатологија и експериментална неврологија, ги разгледа биолошките абнормалности во телата на 70 доенчиња кои умреле од SIDS.
SIDS е феномен при кој навидум здраво бебе умира ненадејно пред да наполни една година од раѓање и смртта има тенденција да се случи додека бебето спие.
Истражувачите открија дека кај бебињата постојат абнормалности во рецепторите на серотонин 2A/C. Овој рецептор инаку е одговорен за заштитните функции на спиењето. Според студијата SIDS е резултат на кулминација на абнормалниот рецептор, развојните тајминзи и надворешните стресни фактори.
Доенчето е изложено на ризик од SIDS кога неговиот кардио-респираторен систем не е целосно развиен, има биолошка абнормалност или спие на начин што создава надворешен стрес.
-Иако идентификувавме абнормалности во рецепторот на серотонин 2A/C кај SIDS, врската помеѓу абнормалностите и причината за смртта останува непозната. Останува многу работа во одредувањето на последиците од абнормалностите во овој рецептор. Во моментов, немаме средства да ги идентификуваме доенчињата со биолошки абнормалности во серотонергичниот систем. Така, придржувањето кон препораките за безбеден сон останува неопходно, вели Робин Хејнс, истражувач во студијата.
Препораките за безбеден сон велат дека бебињата треба да спијат на грб, на тврд душек и во собата на родителите додека не наполнат 6 месеци. Главата на бебето треба да биде целосно откриена, а просторијата со температурен опсег од 22-23 степени Целзиусови.